До крајот на годинава цените може да се намалат, но само ако се зголеми понудата на производи. Ова е ставот на дел од бизнис заедницата. Статистика вчера објави инфлација од 4 отсто во септември во однос на истиот период лани. Од бизнисот предлагаат државата да направи проценка дали е време да се активираат стоковите резерви за да може да порасне понудата и така да се делува на скапотијата. Стојат на ставот дека мерки од типот замрзнување на цени и маржи не се решение.
„Само на таков начин и реален пад на цените кога ќе ја зголемиме понудата и нормално функционирање на пазарот. Инаку, ние можеме со некои одлуки и да елиминираме некоја компанија која не ќе може тие одлуки на влада за замрзнување на цените да ги издржи“, изјави Нухи Алиу, в.д претседател на Северозападна комора.
Прогнозите на Светска банка се дека земјава ќе има инфлација под 2 отсто дури во 2027 година. Од банката очекуваат и растот на домашната економија три години да се движи околу 3 проценти. За бизнисот е загрижувачки податокот, иако се оптимисти дека може повеќе да се испорача.
„Кога доаѓа таа информација до бизнисмените е загрижувачка. Но ние мора да работиме, ние не смееме да застанеме“, додава Алиу.
Во документот на Светска банка стои и дека земјава тешко успева да ја симне инфлацијата која првично била предизвикана од трошоците за енергијата, а сега и од цените на храната кои тешко може да се контролираат.
Од банката прогнозираат дека јавниот долг ќе биде над препорачана граница, но и дека наплатата на даноците е 40 отсто под очекувањата за првата половина од годинава.
Ирена Чачкова
Б.С.
