Рано утрово починал поранешниот пратеник и градоначалник на Кавадарци Панчо Минов. Тажната вест ја соопшти неговото семејство.
-Со длабока тага и искрена благодарност се простуваме од Панчо Минов, еден од најистакнатите правници, политичари и космополити на нашата држава. Својот живот и работа ги посвети на Кавадарци и Македонија, со четири мандати како пратеник, два како градоначалник, и како дел од првиот парламентарен состав кој донесе одлуката за независна Република Македонија. Во текот на својата политичка патека, тој се бореше за правдата и демократијата, оставајќи силна трага преку донесување важни законски и државотворни решенија. Неговиот глас беше стожер за обесправените, особено за земјоделците и обичниот човек. Како градоначалник инспирираше визија што ја надминуваше секојдневната политика, мислејќи ширум, со идеали на соживот, почит и солидарност. Панчо Минов беше пример на јавен службеник со интегритет, знаење и човечност; вистински претставник на народот и животен творец на историјата. Пред сè, беше добар сопруг, татко на две деца и дедо на два внуци — неговата посветеност останува водилка за сите идни генерации. Нека му е вечна слава и нека почива во мир. Стои во објавата на семејството на Минов.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
