Во Основниот суд Тетово и денеска не почна судскиот процес по поднесениот обвинителен предлог за повеќе кривични дела поврзани со изградбата на новиот објект за потребите на тетовските театар и библиотека.
Адвокатот Халит Исени до судот достави медицинска документација дека судењето поради здравствени причини не може да го следи обвинетиот Артан Арслани.
Адвокатот воедно информираше и дека не можел да изврши целосен увид во предметот и затоа бара одложување на почетокот на рочиштето.
Тој рече дека на 17 септември добил термин за увид во списите на 26 септември но можел да направи увид на само дел од материјалот.
Добил нов термин, но тогаш не можело да се направи увид поради технички услови-немање електрична енергија во судот.
Судијата Елведин Ферати го прифати барањето и потоа констатираше дека нема услови за одржување на главната расправа по што донесе решение за одлагање на процесот за 25 ноември.
Почетокот на судскиот процес беше закажан прв пат на 14 јули и од тогаш се одложуваше за 17 септември и 8 октомври.
