Вести Македонија

Инспекциски контроли кај извозникот – црвените пиперки не се вратени во Македонија

Од македонски ниви на хрватски пазар, 15.000 килограми црвени пиперки со високо ниво на пестицидот метомил без проблем поминале граничен премин и биле пуштени во продажба. Хрватските власти по речиси еден месец го откриле пестицидот, но не се знае колку од зеленчукот завршил на трпезите. Јасно е само дека пратка не е вратена во Македонија. По алармот на хрватските власти, Европскиот систем за безбедност на храната (RASFF) информираше дека пиперките се повлечени, а македонските инспекциски служби излегоа на терен.

„Пратката со свежа црвена пиперка e извезена на 09.09.2025 год., а по извршената контрола која се врши на граничниот премин при влез во Хрватска не е запрена и на истата е дозволен влез во Хрватска. Примерокот за анализа е земен на 23.09.2025 год. од малопродажната мрежа, а информацијата од RASFF системот е добиена на 03.10.2025 год. Пиперките не се вратени во Македонија, но немаме информација за постапувањето на хрватските инспекциски служби, дали пиперките се повлечени од продажба или уништени“, велат од Државниот инспекторат за земјоделство.

Инспектори влегле во фирмата извозник која тврдела дека зеленчукот со забранетиот пестицид го купувала од повеќе земјоделци. Инспекторатот добил информации дека фирмата пред да ги испорача во Хрватска направила лаборатоски анализи кои не утврдиле недозволени количини на штетниот производ.

„Извозникот има извршено повеќе лабораториски анализи за присуство на пестициди во црвена пиперка од почетокот на берба на годинешната реколта при извоз и продажба, и тоа во акредитирани лаборатории во земјата и во други држави, и до овој момент нема добиено резултати за зголемено количество на резидуи од фитофармацевтски производи или присуство на недозволени фитофармацевтски производи“, велат од Државениот инспекторат за земјоделство.

Наспорти инспекциските контроли, стручната фела предупредува дека овој пестицид може да биде опасен во големи количини. Метомилот е високо токсичен и може да предизвика смртност, алармира професорот Велимир Стојковски од Факултет за ветеринарна медицина во Скопје.

„Се користи за контрола на штетници, кај овошни растенија, зеленчукови. Меѓутоа, исто така, може да се применува и како акарацид, односно за контрола на крлежи и пајаци. Инаку, од аспект на биохемијата, неговата акутна и хронична токсичност е навистина висока и таа е добро испитана и позната кај различни лабораториски животни. Познат е ефектот и кај човекот. За него може да се каже дека тој доста брзо се ресорбира преку кожата со вдишување или орално, меѓутоа клучниот ефект му е врз еден ензим кој што е наречен хулинестераза и кој што учествува во еден циклус на пренос на нервниот импулс“, вели проф. д-р Велимир Стојковски од Факултетот за ветеринарна медицина Скопје.

Ова не е првпат да се случи странските контроли да откријат македонски производи со високо ниво на пестициди. Од почетокот на годината, ова е четврта пратка за која алармира Хрватска. Сериозен ризик со црвени букви добија свежите македонски пиперки извезени и пред две години.

Симона Петровска

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Вучиќ од вечерашниот митинг: Ќе бидам претседател уште неколку недели, а потоа ќе поднесам оставка

Дејан Дејан

(видео)1.430 загинати најнов биланс на жртвите во земјотресот во Венецуела – пред затворање на 72-часовниот прозорец пронајдено живо бебе

Дејан Дејан

Ѓоковиќ со поддршка за Ѓорческа: Македонија испишува историја на Вимблдон

Sportska Redakcija

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе