Франција во политички ќорсокак. Премиерот Себастијан Лекорну по состанокот на Макрон си поднесе оставка. Соочен со нестабилно мнозинство во парламентот, аналитичарите веднаш по неговото именување за премиер, предупредуваа дека неговата влада ќе има краток животен век. Нестабилната политичка ситуација во Франција се случува во момент кога Макрон се обидува да ги протурка предложените буџетски мерки што вклучуваат замрзнување на социјалната помош. Како последица на тоа илјадници демонстранти излегоа на улиците барајќи негова оставка.
Францускиот премиер Себастијан Лекорну поднесе оставка, неколку часа откако беше претставен неговиот кабинет.
Елисејската палата го објави ова откако денеска наутро Лекорну имаше едночасовен состанок со претседателот Емануел Макрон. Шокантниот потег доаѓа само 26 дена откако Лекорну беше назначен за премиер по падот на претходната влада на Франсоа Бајру. Неколку партии во Националното собрание жестоко го критикуваа составот на кабинетот на Лекорну, кој во голема мера беше непроменет од оној на Бајру, и се заканија дека ќе гласаат против него.
- Политичките партии продолжуваат да заземаат став како сите да имаат апсолутно мнозинство во Националното собрание. И на крајот, се најдов во ситуација каде што бев подготвен да правам компромиси, но секоја политичка партија сака другата партија да ја усвои целата нејзина програма. Ова важи за партиите понекогаш од центристичкиот блок, а важи и за опозицијата- Себастијан Лекорну, француски премиер во заминување.
Новиот француски премиер Себастијан Лекорну во петокот објави дека нема да ги користи посебните уставни овластувања за да го протурка буџетот во парламентот без гласање и наместо тоа ќе бара компромиси со пратениците од левицата и десницата.
Новиот премиер на Франција во неделата именуваше влада, враќајќи го поранешниот министер за финансии Бруно Ле Мер на служба во Министерството за одбрана, со главна цел надгледување на француската воена поддршка за Украина и справувањето со заканите за европската безбедност од Русија.
Аналитичарите предупредуваа дека животниот век на новата малцинска влада на премиерот Себастијан Лекорну ризикува да биде краток, бидејќи тој беше соочен со непријателство во Парламентот каде што нема стабилно мнозинство.
- Следниот чекор во оваа политичка драма сè уште не е јасен. Но, притисокот врз Макрон повторно да го распушти парламентот расте. Тоа би можело да резултира со преземање на власта од страна на крајнодесничарската партија Национален собир на Марин Ле Пен, овозможувајќи ѝ да формира следна влада. Но, новите избори би можеле да резултираат со уште еден нестабилен парламент – и поголема нестабилност- Џон Лестер, Асошиејтед Прес.
Синдикатите и активистите организираа тридневни протести низ целата земја по неговото назначување. Ајфеловата кула бепе затворена, а парижани протестираа против очекуваните намалувања на трошоците за јавни услуги и бараат повисоки даноци за богатите. Илјадници работници, пензионери и студенти маршираа во Париз, барајќи од новиот премиер да ги откаже предложените буџетски мерки што вклучуваат замрзнување на социјалната помош.
Илјадници луѓе вчера протестираа со барање да бидат ослободени 48-те заложници за кои се верува дека сè уште се држи Хамас, демонстрантите бараат од француската влада построги мерки за Израел.
Но политичкиот ќорсокак е вкоренет во зачудувачката одлука на Макрон да го распушти Националното собрание, моќниот долен дом на парламентот, во јуни 2024 година. Тоа предизвика парламентарни избори за кои францускиот лидер се надеваше дека ќе ја зајакнат позицијата на неговиот проевропски центристички сојуз. Но, коцкањето му се врати како бумеранг, создавајќи поделено законодавно тело без доминантен политички блок на власт за прв пат во модерната француска република.
Билјана Ставрова
