Инфраструктурата, безбедноста и културата се трите клучни области во треба да се работи, истакна Дејан Проданоски, кандидат за градоначалник на Прилеп од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Сметам дека тие се три клучни областина кои што имаме можности. Има добра инфраструктура која што е оставена на забот на времето и треба да се стави во функција во сите три области. Особено важно е Прилеп, конечно, да се тргне од црните листи, односно негативната кампања за сè. Прилеп е на сите портали по некои црни хроники, но треба да направиме промена и навистина имаме можност тоа да го направиме“, вели Проданоски кој забележа дека Прилеп нема локална телевизија за што рече дека „можеби тоа е едно од прашањата што треба приоритетно да се решава во градот“ и додаде дека „се наоѓаме во едно медиумско мртвило, па мора да бараме помош од централните медиуми“.
Во вечерашната „Топ тема“ учествуваа седум кандидати за градоначалник на Прилеп. Учеството во дебата го откажаа Ѓорѓија Игески (група избирачи) и Јасминка Стојкоска од Демократи.
С.Д.
