Главниот град од денеска делумно ќе остане без јавен превоз. Приватните превозници во десет часот ги паркираа своите автобуси, поради долг што ЈСП го има кон нив. Велат без пари не можат да работат, па ги редуцираа своите линии. Ќе ги опслужуваат граѓаните само од пет до десет часот.
Ова создаде дополнителен метеж. Граѓаните и денеска се пожалија дека автобусите не се редовни и чекаат со часови. Пред три дена директорот на ЈСП тврдеше дека долгот кон приватниците е намален и ги обвини дека манипулираат со граѓаните. Тие денеска покажаа извештаи за кои тврдат дека долговите растат.
Ова не е првпат приватните превозници да престанат со работа. Пред две ипол години поради неисплатени средства ги паркираа автобусите, протестираа и ги блокираа булеварите. Приватниците постојано обвинуваат дека ЈСП не им плаќа според договорот и дека постојано им должи пари.
Симона Петровска
