Екипи од Водовод и канализација се уште работата на терен. Според, информациите се сече цевката на која се појави дефектот. Можеше да се забележи дека водат се уште извира. Работниците со кои разговаравме велат дека, иако се работи нема да има потреба од повторно затворање на водата.
Но, кој е виновен за тоа што доцна синоќа половина Скопје остана без вода или со намален притисок. Од Водовод и канализација прво излегоа со информација за дефектот, но потоа објавија соопштение во кое наведуваат дека поради кратки прекини на струја настанал проблемот.
Поради повеќе краткотрајни прекини на снабдување со електричната енергија во регионот кај бунарите на Лепенец, предизвикана е варијација на притисокот на пумпниот систем од бунарите кон градскиот цевковод од каде се дополнува водоснабдителниот систем, се вели во дописот од ЈП Водовод и канализација Скопје.
Од ЕВН пак демантираат.
Електродистрибуција ги отфрла во целост како невистинити и Ве известува дека Дефектот на кабелот помеѓу трафостаницата „Влае 2“ и трафостаницата „Влае 1“ настанал во 18:18 часот во недела. При лоцирање на дефектот се направени исклучувања во Карпош и Влае. Санацијата на дефектот е завршена во 20:50 часот од страна на екипите на Електродистрибуција Прекинот на водоснабдувањето настанал повеќе од еден час подоцна од завршувањето на санацијата од страна на екипите на Електродистрибуција, односно околу 22 часот, реагираат од Електродистрибуциција ДООЕЛ Скопје
Доцна синоќа половина Скопје остана без вода, а во делови од градот домаќинствата забележаа намален притисок. На страницата на Водовод можеше да се забележат низа коментари од револтирани граѓани кои укажуваат дека редовно си ги плаќаат сметките а постојано се соочуваат со проблеми со водата. Критикуваат и дека претпријатието не често знае навреме да објави за проблемот.
Во текот на летото исто така дел од домаќинствата на 40 степени беа без вода. Од Водовод тогаш предупредуваа на рационално користење на водата за пиење затоа што енормно била зголемена потрошувачката. Велеа дека се полнеле базени, а се користела и за полевање. Поради што оние од повисоките зони вода добиваа дури по полноќ. И болницата Козле неколку пати се снабдување со цистерни.
За загубите со вода постојано се зборува дека тие надминуваат 60 проценти. Но, интересно е што во годишниот извештајот за работа за 2024 година на претпријатието пишува дека за намалување на загубите ЈП Водовод и канализација има набавено теренско возило за истражување и санирање на дефекти опремено со најсовремена опрема.
Пред неколку дена се донесе и нова цена на водата во Скопје, поскапе за околу 10 отсто. Овој пат ја донесоа регулаторите со образложение дека градскиот совет во утврдениот рок не го сторил тоа, па според законот во тој случај мора РКЕ да ја донесе. Зошто советот не ја утврдил новата цена одговор од Водовод не добивме, а од советот на градот не брифираа дека таква точка на дневен ред од мај до сега немало.
Од РКЕ одамна бараат наместо да утврдуваат само најниска и највисока цена а потоа советите да ја носат , тие да ја утврдуваат и цената на водата. Од комисијата сметаат дека во 21 век e недозволиво се уште да има бунари и прашуваа дали и колку се инвестира во мрежата.
Според, последните податоци на Министерството за финансии Водовод и канализација има доспеани, а неплатени долгови во висина од 14, 5 милион евра.
Ирена Чачкова
