Исцрпеност, очај и гнев ги мачат Палестинците. Меѓу нив и Неман Абу Џарад, кој по 11 пат во изминатите две години е принуден да се исели од домот и да се евакуира низ Појасот Газа. Моментно е сместен во семеен шатор во Кан Јунис од каде раскажува за болни спомени и слики во неговата гласа кои ќе го прогонуваат цел живот. Стравот ги придружува при секој нов предизвик низ енклавата и назад. И така на секои неколку месеци, бидејќи Израел го напаѓа секое ново засолниште.
„Нашиот живот драстично се промени. Од стабилен и безбеден, живот исполнет со љубов, стабилност и безбедност, се претвори во бездомништво, глад, страдање и губење на најблиските. Децата мораа да ги напуштат своите училишта, а Појасот Газа беше целосно уништен, вклучувајќи ги и нашите домови, имот и земја. Во текот на овие две години, поминавме низ бездомништво и глад“, вели Неман Абу Џарад, раселен жител на Газа.
Домот го напуштија пред неколку недели по офанзива на израелските сили и апелите за евакуација. Се спакуваа, со себе ги понесоа најнеопходните работи и веќе наредниот ден се распакуваа во неплодно земјиште и без сигурност каде ќе најдат храна и вода, судбина каква што делат безброј палестински семејства.
„Овие две години се две црни страници во нашите животи. Беа многу тешки. Поминавме низ многу тешки настани. Ги изгубивме сите основни животни потреби, покрај загубата и на нашите најблиски. Ги изгубивме соседите, нашата земја, нашиот дом, нашиот душевен мир, нашиот мирен сон, ги изгубивме едноставните работи, дури и среќата“, раскажува Мајида Абу Џарад, раселена жителка на Газа.
Речиси две години по нападот на Хамас и копнената и воздушна офанзива на Израел, илјадници палестински семејства се во очекува на мирот. Светло на крајот на мрачниот тунел за нив е најновата дипломатска офанзива и мировниот предлог на Трамп. Се надеваат дека, конечно, ќе биде прифатлив и за Израел и за Хамас, за крај на страдањата и ужасот низ кој секојдневно минуваат во Појасот.
„Сакаме војната да заврши за да не ги губиме нашите најблиски повеќе. Стана нормално што ги изгубивме нашите домови, во ред е да живееме во шатори. Но, барем не сакаме да изгубиме повеќе најблиски, сакаме да бидеме ментално стабилни. Сакаме нашите деца да се вратат во училиштата“, додава Неман Абу Џарад.
Американскиот претседател повика на итен прекин на огнот во Газа. Израелската влада издаде наредба за намалување на офанзивните операции во Појасот, Хамас, начелно, се согласи да седне на преговарачка маса. Со дел од предложеното се согласи, за дел ќе треба дополнително да се преговара, со посредство на САД, Египет и Катар. За наредните денови е најавен состанок во Каиро за механизмите за спроведување а планот на Трамп. Како најтешки точки за преговарање ќе бидат разоружување на групата, временската рамка за израелско повлекување од Газа и гаранции дека Израел нема да продолжи со воената кампања по ослободување на киднапираните заложници.
Во меѓувреме, додека трааат подготовките за преговори, израелските сили продолжуваат со нападите во кои, според министерството за здравство во Газа, досега загинаа 66.000 Палестинци од кои половина, како што се додава се жени и деца. Од 251 киднапиран заложник, во Газа се останати уште 48 од кои се верува дека 20 се сè уште живи.
Сашко Димовски
