Вести Култура

Неодоливиот шарм на пембе розовата овца

Не постои добар филм, а режисерот да не ве воведе во приказната, без првично да ве збуни. Да се чудите зошто некое нешто е употребено и да барате врска со структурата или контекстот на филмската приказна. Така беше и сношти, на скопската премиера на долгометражното деби на Георги Унковски „ Диџеј Ахмет“, што се одржа во Cineplexx. Филмот дојде по прикажувањето на затворањето на фестивалот на филмска камера „ Браќа Манаки“ во Битола, каде веќе беше дочекан со големи очекувања по освоените 13 награди на престижните светски и регионални филмски фестивали , од Санденс, преку Кошице и Сараево до Херцег Нови. Како и да е, очекувањата се исполнети. А, еве зошто.

Во свет, во кој различноста не се толерира, а љубовта не ретко е забранета, колку тоа веќе да е општо место во литературата , започнувајчи од „ Ромео и Јулија“ на Шекспир до денес, режисерот Георги Унковски напишал сценарио со кое ја разобличува секоја традиционална заедница во која поединецот некритички им робува на патријахалните вредности и затоа страда. Во таа и таква средина се појавуваат „две црни овци“ кои што во име на емоциите што се раѓаат меѓу нив, се обидуваат да ги скршат прангите на стереотипите и предрасудите што ги опкружуваат. Е, за да не бидат црни овци-клише од секојдневниот говор, Унковски мудро се досетил да вметне една пембе розова овца. Таа е двојна метафора, за инаквоста на Ахмет, кого убедливо и со мерка за секоја емоција го игра Ариф Јакуп и Аја, покажана низ прецизната, дури органска игра на Дора Акан Златанова, во однос на останатите ликови во филмот и за љубовното искуство што го преживуваат , од кое излегуваат посилни, независно од исходот на случувањата. Овдека е најголемата вредност на филмот „ Диџеј Ахмет“,  во таа неодоливо шармантна пембе розова овца , со која на едноставен начин се праќа силна, а пред сѐ јасна порака, за потребата од прифаќање на поинаквите во секоја средината и за неопходноста да им се даде шанса на младите, зашто тие се иднината на светот.

Приказната, раскажана низ линеарна драматургија, тече јасно , со нагласени контрасти меѓу суровата патријахална заедница во која социјалните разлики дополнително влијаат на случувањата и полетната младост. Патријархатот е доловен низ ликовите на таткото на Ахмет (во изведба на Аксел Мехмет) и таткото на Аја ( го игра Селпин Керим). Двајцата актери прикажаа уверливи епизодни остварувања, секој тргнувајќи од мотивите на својот лик. Застапен е и генерацискиот јаз меѓу младите, кои слушаат техно, транс и хип- хоп музика и одлично ја владеат современата дигитална технологија, наспроти повозрасните генерации кои допрва учат да работат на компјутер. Тие се прикажани преку комичниот лик на оџата, кого го толкува Атила Клинче.

Овдека не смее да се пренебрегне ни улогата на братот на Ахмет, доверена на малечкиот Агуш Агушев. Тој прикажа точна невербална игра. Со Ариф Јакуп функционираат во заедничките сцени како беспрекорен актерски тандем, а двајцата се избрани натуршчици на кастинг.

Филмот е снимен во јуручките села Коџалија и Али Коч. За доловување на питомата атмосфера на поднебјето најзаслужен е кинематограферот Наум Доксевски. Тој снимал од рака, со камера на статив и од дрон, прикажувајќи ги уникатните пејзажи на Радовишкиот крај.  Но, снименото не ќе блеснеше во полн сјај без добрата монтажа на Михаил Раих, особено во сцените каде динамиката на дејствието е нагласена со авторската музика на Ален и Ненад Синказ. Има една таква впечатлива сцена, како од американските филмови, во која Дора Акан како Аја тргнува кон остварување на поставената цел.

Овој месец „ Диџеј Ахмет “ ќе биде прикажан на Филмскиот фестивал во Лондон, а потоа продолжува на фестивали во Шпанија, Франција и Турција. Му се насмевнуваат многу нови награди. Навиваме да ги освои, зашто заслужува.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со посредство на САД можна средба Зеленски-Путин?

Kristina Kuzmanovski

Трамп: Би ми било „чест“ да се сретнам со врховниот лидер на Иран за да се постигне договор

Kristina Kuzmanovski

Македонија за прв пат избрана за членка во ЕКОСОК

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе