Просечната активна транспарентност на министерствата, Владата и општините во 2025 година изнесува 80 отсто, што е исто како и лани, покажува годишното рангирање на Центарот за граѓански комуникации.
Во истражувањето се опфатени 102 институции, вклучувајќи ја Владата, сите министерства и општини.
Активната транспарентност на министерствата и Владата падна на 84 отсто, односно за два проценти во однос на минатата година, додека општините го задржаа нивото од 79 отсто.
Министерството за одбрана петта година по ред постигна максимални 100 отсто, а оваа година на таа листа се најде и новоформираното Министерство за дигитална трансформација.
Најголем проблем се забележува кај објавувањето информации за финансиите, каде министерствата и општините остваруваат по 58 односно 59 отсто транспарентност.
Исто така, се уназади времето за одговор на барањата за слободен пристап до информации, со што само 54 отсто од институциите одговориле во законскиот рок од 20 дена.
