Вести Македонија Најважни

Сведок кој со ПИМ мерки снимал корумпирани цариници обвинува дека идентитетот му бил откриен

Човекот кој пријавил корупција на Царината и учествувал во посебните истражни мерки за со прикриен идентитет да ги сними цариниците како му бараат и земаат мито во акцијата со кодно име Премин во која беа уапсени 16 цариници, обвинува дека обвинителките го предале и им го откриле неговиот идентитет на најмалку двајца од уапсените.

Сведокот камионџија, кој инсистира на анонимност, вели дека со тоа му е загрозена безбедноста, затоа што сега обвинетите знаат кој ги пријавил и кој ги снимил.

Тој минатата година пријавил дека цариници постојано му бараат мито, па истражителите му поставиле камери за да го сними барање и давањето мито.

Во Обвинителството велат дека процедурите не биле нарушени и оти не е загрозена безбедноста на ниту еден сведок.

Сведокот тврди дека еден од уапсените цариници го молел да не сведочи против него и оти знае дека тој е пријавител зашто му кажала обвинителката. Друг уапсен раскажувал дека знае дека тој го пријавил.

Се сомнева дека пријавените го знаеле неговиот идентитет уште лани пред апсењето, додека траеле посебните истражни мерки, затоа што двајца од пријавените цариници се врткале пред неговата куќа и пред работното место на син му, иако немало легитимна причина да бидат таму, зашто се од друг град. Смета дека се работело за психичка тортура.

Сведокот вчера поднел кривична пријава против две обвинителки од обвинителството за гонење на организиран криминал за кои тврди дека го откриле неговиот идентитет, но и против нивниот шеф Ислам Абази и против републичкиот обвинител Љупчо Коцевски, како и против претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска.

  • „Мојата улога како заштитен, прикриен сведок била издадена, компромитирана и изложена на непосредна животна опасност“, наведува сведокот во кривичната пријава.

Во Обвинителството велат дека ја добиле и оти пријавата ќе биде распоредена на надлежно постапување.

  • „Јавните обвинители од ОЈО ГОКК постапуваат целосно во рамките на своите надлежности и притоа строго внимаваат на постапките, особено кога станува збор за лица со прикриен идентитет за кои постојат утврдени процедури, што во ниту еден случај, па ниту во овој, не се нарушени и не е загрозена безбедноста на ниту еден сведок“, ни одговорија во Јавното обвинителство.

Во октомври минатата година, во акцијата со кодно име „Премин“ беа уапсени 14 цариници, еден пензиониран цариник и еден полицаец од граничните премини Ново Село и Дојран. Тие се товарат дека од превозниците земале мито од 20 до 150 евра, а парите си ги делеле. Во претресите биле најдени над 50 илјади евра, над 600 илјади денари, но и франци, долари, фунти, левови, како и 36 штеки цигари. Во јануари годинава беше поднесено обвинение против нив.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Жена приведена во Ресен при обид за кражба

Tea Dimkovska

Вајц: ЕУ не бара менување на идентитетите, потребни се доверба и дијалог меѓу Скопје и Софија

Tea Dimkovska

За реконструкција на Владата Димитриевски смета дека ЗНАМ ќе продолжи и сака да менаџира со ресорите во кои е поставен

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе