Вести Култура

Македонска премиера на „ Животот на провинциските плејбои“ во октомври во Драмски театар

Претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ , по текст на Душан Јовановиќ, а во режија на Иван Пеновиќ, на 23 октомври ќе има македонска премиера во Драмскиот театар -Скопје Претставата е прв копродукциски проект на фестивалот РУТА во кој партиципира Драмскиот театар како претставник на Македонија. Работена е како копродукција на Драмски театар- Скопје, Белградскиот драмски театар,  Градскиот театар од Љубљана и фестивалот „Град театар“ Будва.

Премиерата на „Плејбоите..“ се одржа на 10 август на фестивалот „Град театар“- Будва, каде што имаше 4 изведби. Играњето на летните сцени продолжи со учеството во драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, а последната фестивалска изведба беше на Бриони, во рамките на фестивалот РУТА.

  • Заедничка констатација од досегашните гостувања е задоволството на публиката и уживањето во маестралната изведба на традиционалната форма на Комедија дел арте на режисерот Иван Пеновиќ, се вели во дописот од Драмски театар.

Во претставата играат актери од четирите театарски куќи -копродуценти во проектот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.

Според директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски, нивната сатисфакција од реализацијата на претставата е повеќеслојна.

  • Сите четири институции што застанаа зад овој проект, кој што наназад 2-3 години тлееше како идеја на хартија, во рамките на Регионалната унија на театри – РУТА, се реализираше со оваа претстава. Станува збор за прва четирипартитна копродукција. Сега со сигурност можеме да кажеме и пред самите себе си и пред нашата публика во регионот, дека сме кадарни и дека нашите театри се на исклучително високо рамниште, дека квалитетот, ентузијазмот и уметничкиот порив за творење и надвор од рамките на нашите матични театри е силно изразен кај сите нас. Она што мене ме прави горд е што претставата се подготвуваше во Скопје и во неа учествува и помошно-техничкиот персонал на Драмскиот театар. Во овие услови кога театарот како објект не располага со опрема на завидно ниво, нашите луѓе, актерите, уметничкиот тим, техничарите на светло и звук, декоратерите, столари, како и нашите вработени шивачи, гардеробери, луѓето задолжени за театарска шминка и фризура, сите до еден се исклучителни професионалци и подготвени да ги исполнат високите естетски критериуми на оваа регионална копродукција, кажа Вељановски.

Во програмската режисерска белешка за претставата е истакнато дека: „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“, е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во форма на Комедија дел арте. „Плејбоите…“ се напишани во 1972 година, а првпат се изведени во Местно гледалишче Љубљана, една година подоцна. Напишани се во периодот на исклучително бурни меѓународни и регионални историски движења, во духот на „Сексуалната револуција“ и „Пролетта од 1968 година“, како и под влијание на околностите во тогашна Југославија на кои реагираа уметниците од најмладата генерација. Во нивните дела е присутен таканаречениот „лудизам“ – специфичен одговор на „тешките теми“ што ги отвори повоената генерација млади луѓе. Лудизмот се карактеризира со целосно отсуство на каква било потрага по смисла, одговори или решенија за егзистенцијалните тешкотии; тој повеќе ги прифаќа работите такви какви што се и, наместо да бара излез во дадените околности, дозволува настаните да се одвиваат низ „опуштена игра“. Сето ова важи и за „Плејбоите…“. Тоа е вителот на живата еротика, младоста и незаузданата, вечно незаситна страст. Сепак, меѓу редови се насетува и една празнина, суета и егоизам на општеството што постојано трча по уживање. Денес, половина век по ‘68, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружуваат и трката по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв.“

Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Владимир Пејковиќ (композиција) и Дамир Клемениќ (сценско движење).

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Зеленски го повика Путин на директни разговори за крај на војната – дојди слободно во Москва, одговори Кремљ

Igor Trajkov

(Видео)Мицкоски задоволен од средбата со Мерц на вториот ден од Самиот ЕУ–Западен Балкан

Tea Dimkovska

Пријателска средба со францускиот претседател – Мицкоски со Макрон во Тиват

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе