Без детали, само фотографии дека седнале на маса, заврши средбата Алиу – Кедев, најавена, но закажана во 8 часот изутрина. Додека се формира меѓународната експертската група за ревизија, што работеле приватните болници, треба да дадат отчет до 15-ти септември, велат од Здравство по наводите дека се вршеле непотребни кардиохируршки интервенции кај пациенти во приватните болници.
„Министерството за здравство е отворено за соработка со сите чинители и ги повикуваме сите засегнати страни кои имаат каква било информација за евентуални неправилности во системот, да се обратат веднаш до Министерството“, велат од министерството за здравство.
Фондот за здравство на двете најголеми приватни болници во Скопје минатата година им исплатил околу 17 милиони евра за речиси 2.500 интервенции. Па, од тука се поставува прашањето, како за само неколку години оваа сума се зголемила за една третина. Но, уште поважно, според поранешниот директор на фондот за здравство, не се вклучил алармот кај надлежните да ја проверат ситуацијата.
„Одеднаш бројот на операции се зголемил за два до три пати, а со тоа и средствата за операции кои се покриваат од Фондот за здравствено осигурување. Значи, ако има 1.000 операции годишно 2003, 2004, 2005, 2006 година, одеднаш негде од 2010 година, не знам точно, тој број се зголемува на 2.000, па оприлика околу 3.000 операции. Прашањето кое требало и тогаш да се расчисти, имаме институт за јавно здравје, министерство, па и фондот да се прашаат на што се должи три пати зголемување на операции“, вели доктор Никола Пановски, советник во Град Скопје и поранешен директор на ФЗОМ.
Едно е сигурно, вели Пановски, пациентите ниту можеле, ниту трабло да одлучуваат дали да одат на операција. Оваа одлука ја носеле лакарите, посочи Пановски.
„Како може граѓани, како можам јас сега, ако некој на клиника ми рече професор или не, дека сум за операција, да знам дали сум или не сум. Јас што сум доктор и професор, па тешко, а камоли некој обичен човек. Нормално дека ќе им верува ако му кажат дека друг спас му нема и ќе го оперираат, ќе оздрави, нема да даде пари, партиципација нешто ќе даде. Нема да го кошта пари, како што мислат граѓаните, ова ние го плаќаме како граѓани, здрав е си живее на што да се жали. Од каде знае тој дали требало или не требало да се оперира доколку е здрав“, вели доктор Пановски.
Во меѓувреме, се комплетира експертскиот тим од тројца странски лекари, но од кои држави засега е непознато. Се знае само за договорот со словенечкиот кардиолог. Тричлената комисија ќе ги проверува обвинувањата на кардиологот Сашко Кедев дека во приватните болници се правеле непотребни операции на срце, само за да се земат државни пари. Од лекарската комора велат дека изминатите неколку години имале повеќе од 200 вонредни надзори, но не откриле неправилности и не примиле претставки за непотребно извршена операција. Пред три дена, директорот на фондот за здравство ги повика можните оштетени граѓаните во кардиохирургијата и до сите други пациенти да поднесат жалби, но до денеска пријави немало.
Симона Петровска
