Бројни реакции и критики беа упатени по кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија-Романија кој се одржа во реновираната спортска сала во Куманово. Поради критиките дека навивачите скандирале навредливи и националистички пораки обвинителството отвори постапка.
На социјалната мрежа „Фејсбук“ се огласи поранешниот министер за здравство Арбен Таравари кој упати остри критики кон премиерот, претставниците на ВРЕДИ, министерот Тошковски и други функционери.
„Ние, Албанците, бевме проколнати за нашата мајка, семејство, потекло, племе и семе во хор од македонските навивачи! Премиерот молчеше и молчеше… се чинеше како да добива одговор на она што го поттикна пред неколку дена со палење оган меѓу етникумите и користење опасни изрази како „каур“. П.С. Викаа за Чиста Македонија (без Албанци)… Што да кажам?! Ќе изберам молчење како и секогаш, но овој опасен дух за земјата и Регионот што го носи ветерот на Србија, па и подалеку, мора да биде осуден и изгаснат!“ напиша тој во објавата на „Фејсбук“.
Реакција пристигна и од кандидатот за градоначалник на Куманово од редовите на СДСМ кој исто така се oгласи на социјалната мрежа „Фејсбук“. Костовски потенцираше дека вистински патриотизам е кога го почитуваш сограѓанинот и кога навиваш за својот клуб без да навредуваш други.
„Говорот на омраза, провокативното скандирање и навивање, подгревање на било каква омраза, никогаш на никого не му донело ништо добро. Како човек секогаш сум за почит и респект на фер и коректно навивање, а секогаш против сите форми на говор на омраза без разлика од кого и од која страна доаѓа“ напиша Костовски.
Вицепремиерот и министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити исто така ги осуди скандирањата за време на кошаркарскиот натпревар. Тој посочи дека Северна Македонија е заедничка земја за сите и дека спортот треба сите да ги обедини, а не да ги дели.
„Најостро ги осудувам расистичките и антиалбанските скандирања што се слушнаа за време на кошаркарскиот натпревар во Куманово. Навредливите зборови и песни што поттикнуваат омраза немаат место во нашата држава и општество. Тие претставуваат напад врз соживотот и еднаквоста што ја прават Северна Македонија единствена. Северна Македонија е заедничка држава за сите: Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и други. Сите ние придонесуваме за оваа земја. Сите заслужуваме почит. Спортот треба да нè обединува, а не да нè дели. Фашистичките скандирања не претставуваат никого од нас и не смеат да се повторуваат повторно“ напиша Меџити на неговиот „Фејсбук“ профил.
Бране Петрушевски oд ВМРО-ДПМНЕ во видео формат исто така ја искоментира ситуацијата. Тој посочи дека бил присутен на натпреварот и дека испадите со ксенофобичен говор се резултат на една многу мала група граѓани, па во тој контекст рече – „Осудуваме секаков вид на националистички испади и говор на омраза без оглед од чија страна доаѓаат. Таквите злоупотреби одат во корист на сите политички струи и структури кои со децении водат политика на омраза едни кон други.“
Без коментар и реакција не остана ни од партијата ДУИ кои се изјаснија дека во Куманово била пренесена омраза додека институциите за тоа време молчеле. Тие побараа итна истрага од МВР и обвинителството, официјална реакција и јавно дистанцирање од Владата како и вклучување на меѓународниот фактор за следење на ширењето на говорот на омраза и институционалниот национализам.
„За нас во ДУИ, овие акти се голем аларм за демократијата, за соживотот и за безбедноста на граѓаните во оваа земја. Никој нема право да промовира етничко чистење на стадионите и никој нема право политички да си игра со чувствата на народ кој дал извонреден придонес во градењето на оваа држава“ посочија од ДУИ.
По реакциите кои пристигнаа обвинителството отвори постапка и издаде повеќе наредби и насоки за испитување елементи на кривично дело при скандирањата кои содржеа говор на омраза од засега непознати лица.
Премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање го осуди ксенофобичното скандирање на натпреварот меѓу кошаркарските репрезентации на Македонија и Романија во Куманово. Мицкоски рече дека скандирањето било од неколкумина навивачи кои што не наишле на поддршка од страна на останатите присутни во салата.
„Во текот на вчерашниот ден домаќинот, а тоа беше Кошаркарската федерација исто така и Општина Куманово го осудија скандирањето и ксенофобичните испади на неколкумина во салата, искрен да бидам додека бев таму, воопшто и не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група на луѓе. Но, исто така еве би сакал да ја искористам оваа прилика да се приклучам кон осудата на национализмот и ксенофобијата, најпрвин на таа што се случи за време на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија, а потоа и да упатам порака до сите навивачки групи да навиваат спортски, да го бодрат својот тим и националниот тим на Македонија. Тоа е она кое што оваа Влада го поддржува, а сето останато ќе биде предмет на истрага и предмет на санкции, без разлика од која страна доаѓа“, вели Мицкоски.
