На возраст од 71 година, од срцев застој, почина легендарниот американски кечер, Хулк Хоган, веројатно најголемото име во историјата на ткн професионално борење.
Роден како Тери Болеа, во 1953-тата година, Хоган доминираше во најпопуларната ера на американското професионално борење или кечерство, во 80-тите и 90-тите години од минатиот век, пред да ја продолжи кариерата во филмската индустрија а подоцна и во телевизиските реалити шоуа.
Хоган стана дел од ткн Светска Боречка Федерација (World Wrestling Federation-WWF) во 1979-тата година но набргу потоа ја напушти во 1981-та година. Хоган беше дел од првиот главен настан на најпопуларниот настан на американското кечерство „Wrestlemania“ во Њу Јорк 1985-тата година, која тој и Мистер Т ги победија во рингот, Пол Орндорф и Роди Пајпер.

Низ 90-тите, мега популарноста на Хоган и огромната армија негови подржувачи, обединети под називот Хулкаманија, му овозможија да излезе и надвор од рингот, и да се обиде во филмската индустрија.
Во 2005-тата година, Хулк Хоган, стана дел и од куќата на славните на американското кечерство, од каде беше отстранет во 2015-тата година, кога се појави аудио снимка на која тој користи расистички навредлив термин.
Но, во духот на борбите на американските кечери, каде чести се драматичните пресврти, Хоган во 2018-тата година повторно стана дел од куќата на славните, со објаснувањето дека секој заслужува втора шанса.
Во последните неколку години, Хулк Хоган, најдобро познат по својата црвено-жолта гардероба во рингот, и песната „Real American“ (вистински американец), стана активен и во политичката арена, како голем поддржувач на актуелниот американски претседател, Доналд Трамп, појавувајќи се и на голем дел од неговите предизборни митинзи.

