Вести Економија Топ вести

Црните пари ја зголемуваат вредноста на становите

Црните и непријавени пари во оптек ги зголемуваат цените на становите во Македонија. Само во изминатата година, според податоците на Народната банка, цените на становите се зголемени за над 22 проценти, а во изминатите четири години квадратот е поскапен за 75 проценти. Гувернерот Трајко Славески соопшти дека половина од новопродадените станови се купуваат во готово. Даночниот експерт Павле Гацов вели дека очигледно е дека има повеќе пари во оптек отколку што се нудат станови на продажба, што ја зголемува цената.

„Пари доаѓаат по разни основи, сигурно и овие што ги зборуваме неоданочени пари, црни пари, криминални активности, перење пари, пари од странство, работење и наплата, па пренос на готовина од странство во Македонија без да се платат давачките и да се пријават тие пари итн. Така што системски на сите точки треба да се затворат тие ризици, очигледно тоа засега не се прави“, вели Гацов.

Тој вели дека се потребни механизми и алатки за намалување на готовината во оптек.

„Економистите знаат дека готовината е керозин за корупцијата, за сивата економија, за митото, за перење пари, даночна евазија. Сето тоа е во контекст на она што треба да биде преземено како мерка од страна на државата, вклучувајќи ја тука, како супервизорски орган во наводници и Народната банка, бидејќи таа ги следи овие монетарни агрегати“, вели Гацов.

Истражните органи го идентификувале градежништвото како еден од најризичните сектори за перење пари на организираните криминални групи, но засега без епилог во смисла  на официјални истраги и судски пресуди.

Во Проценката на закани од сериозен и организиран криминал за 2025 на Министерството за внатрешни работи се наведува дека организираните криминални групи ги перат куповите пари заработени од шверц со дрога преку криптовалути, брз трансфер на пари, коцкарници и градежништво.

„Криминалните групи инволвирани во трговија со дрога акумулираат значителен износ парични средства кои ги инвестираат во пазарот со недвижнини или преку инвестиции во градежниот сектор, најчесто во незаконското градење (дивоградби), кои потоа ја чекаат постапката за легализација“, се наведува во Проценката на закани од сериозен и организиран криминал за 2025 на Министерството за внатрешни работи.

Националната стратегија за борба против перењето пари и финансирањето тероризам 2021 – 2024, како и извештајот за спроведената проценка на ризикот од перење пари и финансирање тероризам го идентификува градежништвото како сектор со средно висока ранливост од перење пари – највисок ризик од сите нефинансиски дејности.

„Највисок степен на ранливост е утврден кај правните лица чија дејност е градежништво и физички лица инвеститори во областа на градежништвото и правните и физички лица кои вршат сметководствени услуги и правни и физички лица кои даваат совети од областа на даноците“, стои во Националната стратегија за борба против перењето пари и финансирањето тероризам 2021 – 2024.

Власта имаше обиди да ја намали цената на становите со продажба на државни станови, но на неодамнешната лицитација на која почетната цена на квадрат во Скопје беше 1200 евра, беше постигната цена од 2800 евра.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Барселона го постави знамето на виножитото за почеток на прославите на гордоста

Дејан Дејан

Од среда до крајот на август забрана за движење во шуми – глобите за непочитување од 1.500 до 2.000 евра

Sasko Dimovski

Продолжува потрагата по преживеани од земјотресите во Венецуела

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе