Вести Економија

Ангеловска-Бежоска: Макроекономската стабилност е зајакната, но потребни се структурни реформи за одржлив раст

На редовниот економски и финансиски дијалог помеѓу Европската Унија и земјите партнерки од Западен Балкан, којшто се одржа во Брисел, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, се осврна на клучните монетарни и финансиски аспекти поврзани со макроекономската состојба и реформските процеси во нашата економија. Таа нагласи дека, и покрај серијата економски и геополитички шокови во последните неколку години, успешно се зачува, па дури и зајакна макроекономската стабилност, којашто претставува темел за одржлив економски раст и постепено приближување на доходот кон просекот на Европската Унија.

На дијалогот учествуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Гувернерката нагласи дека иако процесот на конвергенција се засилува, тој сè уште се одвива бавно, при што доходот во нашата економија изнесува околу 43% од просекот на ЕУ. Како најотворена економија во регионот и економија со највисока енергетска зависност, инфлацискиот шок од светските пазари се пренесе со голема сила, по што инфлацијата се искачи до 20%. Сепак, благодарение на соодветната монетарна политика и стабилизацијата на цените на светските суровини, инфлацијата повторно е сведена блиску до историскиот просек од 2,6%, што е поддржано и од високата доверба на јавноста во централната банка – потврдено и во истражувањата на меѓународните финансиски институции.

  • „Важен столб на стабилноста е одржувањето стабилен девизен курс, за што е потребно соодветно ниво на девизни резерви. И покрај силните притисоци и интервенции на девизниот пазар, резервите сега се повисоки за околу 40% во однос на претпандемичниот период, што е силна заштита од идни потенцијални шокови“, посочи гувернерката.

Покрај ова, финансиската стабилност е зајакната преку значителното зголемување на стапката на адекватност на капиталот, којашто е меѓу највисоките во регионот и ЕУ, како и преку целосната регулативна рамка за управување со кризи. Приклучувањето кон СЕПА претставува историски исчекор за банкарскиот систем и за целата економија.

Сепак, Ангеловска-Бежоска предупреди дека макроекономската стабилност не може да биде замена за суштинските структурни реформи, особено во сегашниот контекст на висока неизвесност и сѐ поголеми геополитички тензии.

  • „Глобализацијата беше двигател на конвергенцијата на доходот и за нашиот регион. Нашите процени покажуваат дека деглобализацијата би можела да го намали растот и до 5 процентни поени, зависно од сценариото“, истакна таа.

Во исто време, овие промени во светот отвораат и нови можности. Иако досега не се забележани значителни негативни ефекти, а странските директни инвестиции се зголемуваат и достигнуваат рекордно високо ниво, гувернерката посочи дека мора и натаму особено да се внимава на структурните слабости.

  • „Во последните 15 години, растот на продуктивноста на Западен Балкан беше под 2% и главно не потекнуваше од иновациите, туку од прераспределбата на ресурсите. Тоа ја истакна потребата од повеќе иновации, технолошки напредок, но и зајакнување на институциите и деловната клима“, рече таа додавајќи дека и сега, и во иднина најважна ќе биде поддршката од европските и меѓународните финансиски институции.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Вучиќ од вечерашниот митинг: Ќе бидам претседател уште неколку недели, а потоа ќе поднесам оставка

Дејан Дејан

(видео)1.430 загинати најнов биланс на жртвите во земјотресот во Венецуела – пред затворање на 72-часовниот прозорец пронајдено живо бебе

Дејан Дејан

Ѓоковиќ со поддршка за Ѓорческа: Македонија испишува историја на Вимблдон

Sportska Redakcija

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе