Трговците на големо и мало, специјализирани за прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун, изразија сериозна загриженост поради последните одлуки на Владата за ограничување на маржите.
Стопанската комора на трговци ги критикува владините мерки и бара итна средба со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Тие истакнуваат дека со овие мерки не се заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку од нив најголема корист ќе имаат повисоките слоеви на општеството.
Комората ја изразува загриженоста дека листата на производи што треба да бидат опфатени со мерките е значително поширока од најавеното, а предлозите што ги доставиле до Владата за намалување на цените, без да се загрози опстанокот на трговските претпријатија, не се земени предвид.
Апелираат Владата да ги разгледа сериозно нивните предлози, бидејќи ваквите како што велат избрзани одлуки може да нанесат голема штета на економијата и да ја зголемат неизвесноста за идните инвестиции и активности на овие компании, кои вработуваат 4,700 граѓани и играат клучна улога во економската стабилност на државата.
Дека одлуката е задоцнета порачаа и од опозициската СДСМ. Пратеничката Сања Лукаревска, посочи дека скокот на цените бил во јануари, а упати и критики зошто само 102 групи на производи се опфатени, а требало да бидат вклучени сите.