Два натпревари во НБА-лигата од синоќешната програма беа одложени поради катастрофалните пожари во Лос Анџелес, а тоа се дуелите на двата тима од овој град, односно Клиперс против Шарлот и Лејкерс против Сан Антонио.
Денвер го совлада Бруклин со 124-105, а овој натпревар го одбележаа Никола Јокиќ и Расел Вестбрук. Двајцата запишаа трипл-дабл и тоа по втор пат сезонава на еден натпревар, со што станаа првите соиграчи во историјата на НБА што им успеало вакво нешто. Јокиќ имаше 35 поени, 15 асистенции и 12 скока за 145-ти трипл-дабл во кариерата, додека Вестбрук и натаму е прв во историјата со 202 трипл-дабл ефекти, а утринава запиша 25 поени, 11 скока и 10 асистенции.
Оклахома им се врати на победите откако во средата Кливленд ја прекина низата од 15 победи по ред на Тандер. Шаи Гилџеус Александер со 39 поени ја предводеше Оклахома до триумф од 101-126 на гостувањето кај Њујорк никс.
Јанис Адетокумбо постигна 41 поен со 14 скока во победата на Милвоки на гости кај Орландо од 106-109. Пауло Банкеро по кам-бекот од повреда имаше 34 поени за Меџик.
Шампионот Бостон загуби на домашен паркет од Сакраменто со 97-114.
НА ОСТАНАТИТЕ НАТПРЕВАРИ:
Индијана – Голден Стејт 108-96
Филаделфија – Њу Орлеанс 115-123
Чикаго – Вашингтон 138-105