Ракомет Спорт

Лазаров: Јас сум умерен оптимист, македонскиот ракомет е на добар пат

Македонската ракометна репрезентација ги прави последните подготовки во Скопје пред да замине за Хрватска, каде најпрво во Вараждин ќе одигра контролна средба со домаќинот на 8.јануари, а една недела подоцна ќе ги почне и натпреварите на Светското првенство.

Денеска во просториите на долгогодишниот партнер на македонскиот ракомет, компанијата „Телеком“, селекторот Кирил Лазаров и капитенот Филип Кузмановски ги искажаa своите очекувања за претстојниот Мундијал.

„Од 2012 година па наваму имаме еден страшен континуитет кој многу значи и кој заеднички го направивме. Како една мала држава, сакаме да признаеме или не тоа е еден голем успех за македонскиот спорт. Имаме 14 големи натпреварувања по ред на што не можат да се пофалат ниту еден од нашите соседи од Балканот, тие не секогаш биле присутни на големите турнири како нас. Тоа е голем резултат, како држава и како национален тим и се надевам дека ракометот така и ќе продолжи во иднина“, рече селекторот Кирил Лазаров.

Македонија претходно имаше два настапи на големи турнири во Хрватска, каде традиционално имавме добри настапи, па нашиот предводник се надева на истото и во оваа 2025 година со голема подршка од навивачите.

„Од Хрватска имаме позитивни спомени од Светското првенство во 2009 година и од 2018 година на Европското, каде имавме квалитетен прв круг и добри натпревари против силни репрезентации. Се надевам дека така ќе биде и оваа година. Знаеме дека ќе имаме подршка од нашите навивачи, јас и претходно кажав дека тие треба да бидат нашиот осми играч, бидејќи ја познаваат ракометната игра и во важни моменти да бидат наш играч плус и да ја имаме таа дополнителна подршка што многу ќе ни значи“.

Лазаров верува во квалитетот кој го имаат македонските играчи и затоа се селектирани во националниот тим.

„Јас сум умерен оптимист, знаејќи го нашиот менталитет и квалитет. Не сакам да создавам алиби однапред, напротив ние имаме млада селекција, ја сменивме генерацијата и имаме млади играчи кои допрво ќе го докажуваат својот квалитет, а во тоа сум сигурен. Играчи селектирани кои имаат карактер кои  имаат храброст, талент и кои што се многу вредни и сакаат да работат. Мислам дека македонскиот ракомет е на добар пат и на националната селекција и следуваат многу успеси, како и на македонските клубови“, заврши нашата ракометна легенда. 

Противниците на Македонија се тешки, особено Унгарија и Холандија, но и Гвинеја не треба да се потцени иако влегуваме како фаворити во дуелот со африканската селекција. Капитенот Филип Кузмановски вели дека Македонија подготвена ќе ги дочека натпреварите на Мундијалот и се надева дека тимот ќе ја израдува целата држава со добрите настапи во Вараждин.

„Имаме можеби тешка група, но одиме чекор по чекор со сите. Треба добро да ги анализираме, моментално сме некаде на половина од подготовките. Максимално се подготвуваме за секој детал. Знам и сигурен сум дека ќе имаме голема подршка од нашите навивачи во Вараждин, кои секоја година доаѓаат на секое првенство. Треба да покажеме како треба да се игра за Македонија и да веруваме во нас. Како што кажа и нашиот селектор, нашите цели се високи и ние треба да веруваме во нашиот квалитет. Се надевам дека на крај ќе ја израдуваме нашата држава, нашите семејства и нашите навивачи во Вараждин“, истакна Кузмановски. 

Македонија на првиот натпревар на Светското првенство се соочува со Унгарија на 15-ти јануари. Два дена подоцна играме со Холандија, а на 19-ти јануари групната фаза ја завршуваме со Гвинеја. Првите три репрезентации од групата одат во главната фаза на турнирот.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Конте потврди: Кварацхелија сака да си замине

Дејан Дејан

Вардар почна со подготовки, Комити го блокираа тренинг-кампот

Дејан Дејан

Клеман најбрз на слаломот во Аделбоден

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе