Uncategorized Вести Македонија Топ вести

Камбовски е нов претседател на Судскиот совет – Најави крај за судиите кои не работат според законот

Aleksandar Kambovski, pretsedatel na Sudski sovet

Александар Камбовски е нов претседател на Судскиот совет. Тој беше едногласно избран со 13 гласа од сите членови на Советот со право на глас. Мандатот му е две години.

Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми и министерот за правда, Игор Филков, кои се членови на Советот по функција, но без право на глас, не дојдоа на седницата.

Камбовски, кој дојде во Судскиот совет како Апелационен судија во Битола, најави безрезервна поддршка за сите судии кои работат по законот.

„Оние другите судии коишто не постапуваат на овој начин, исто така ги уверувам дека тоа нема да помине без никаква одговорност. Затоа е тука Судскиот совет, покрај тоа што кажав дека сме тука за максимално да ги заштитиме судиите. Во Македонија има околу 400 судии и мислам дека е крајно време тие 10-15-20 да ги тргнеме од нашите редови“, изјави Камбовски.

Тој беше единствен кандидат, а предлогот дојде од Исамедин Лимани. Целата постапка за избор траеше 20-тина минути. Неговите колеги од Советот, кои се јавија за збор, имаа само пофални зборови за него и изразија надеж дека ќе работат на зголемување на довербата во судството.

„Александар Камбовски има и интегритет и кредибилитет за да се бори за поголема финансиска независност на судовите, затоа што судовите се тие што ја вршат судската власт, а Судскиот совет треба да им обезбеди услови за тоа“, изјави Исамедин Лимани.

„Очекувам дека заеднички ќе одиме во една позитивна насока, на зацврстување, подигање на довербата на граѓаните во судството, но не со зборови, туку, чекор по чекор, со дела“, изјави Ивица Николовски.

„Најголемата тежина е на страна на интегритетот. Вториот момент поради кој го поддржувам овој предлог е што во овој краток временски период додека е член на Судскиот совет судијата Камбовски, јас видов исклучителна поддршка од негова страна во сите активности на Советот во смисла на имплементација на препораките на Оценската мисија на ЕУ“, изјави Весна Дамева.

Денешниот избор доаѓа откако досегашната претседателка Дамева, пред еден месец поднесе неотповиклива оставка. Таа се повлече зашто, како што рече, политичари од власта, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски, се обидуваат да го нарушат нејзиниот интегритет.

Изборот на нејзин наследник беше одложен до комплетирање на составот со изборот на двајца нови членови од редот на судиите.

Пред дваесетина дена, за нови членови на Советот беа избрани судиите Аритон Ала од скопска апелација и Данка Ристова од Апелациониот суд во Штип.

Ристова е сопруга на градоначалникот на Радовиш од ВМРО-ДПМНЕ Ацо Ристов. Таа негираше дека е нечија партиска инсталација, а премиерот Христијан Мицкоски се спротивстави на тврдењата за партизација на советот, зашто Ристова беше избрана на непосредно гласање од страна на судиите.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ФОТО/ВИДЕО Кармина Бурана во Софија- Филхармонија заедно со бугарските и грчките колеги изведоа маестрално за стоечки овации

Дејан Дејан

Трамп бара половина од рудното богатство на Украина за да почнат заеднички бизнис-Telegraph објави детали од американската понуда

Дејан Дејан

Украина, но и нормализација на односите меѓу Москва и Вашингтон – Лавров и Ушаков пристигнаа во Ријад

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе