Папка со цела документација – од историја на болест до изјави на докторите кои учествувале во лекувањето. Државните инспектори извршија увид и му предложија на министерството за здравство да започне постапка за стручен надзор и да утврди како се лекувало починатото седуммесечно бебе. Имало висока температура и осип на телото.
Родителите го однеле бебето на Детската Клиника на 9 декември. Го прегледале и препратиле на дополнителни испитувања. Кога ги добиле резултатите, го пуштиле дома. Но, два дена подоцна ситуацијата му се влошува и повторно го носат на Клиника. Го хоспитализираат и му вршат повеќе испитувања на Одделот за неврологија. Состојбата дополнително му се влошува и на 13 декември, било пренесено на Одделот за интензивна нега и терапија, информираат инспекторите.
„По стабилизирање на состојбата, повторно е вратено на Одделот за неврологија, каде престојувало неколку часа, по што повторно е вратено на ОИНТ, каде се направени дополнителни радиолошки, ехогравски и други лабораториски испитувања, што укажуваат на тешка општа состојба на детето, што во вечерните часови на ден 15 декември 2024 година, завршува со смрт“, велат од ДСЗИ.
Здравствен инспекторат ќе утврдува дали бебето било третирано како итен случај. Доколку се утврди непочитување на законот ќе се спроведе нова постапка против клиниката и одговорното лице, додаваат од ДСЗИ.
„Наведената законска обврска е казнива, согласно член 306 од Законот за здравствената заштита, заради што ДСЗИ ќе спроведе нова постапка за порамнување према правното лице ЈЗУ УК за Детски болести како и против одговорното лице во установата“, велат од ДСЗИ.
Откако во јавноста излезе веста за смртта на бебето, директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди рече дека биле запазени сите процедури и третмани и нема лекарска грешка. Државните инспектори констатирале и дека на Детската клиника сè уште не е решен проблемот со задолжителното присуство на специјалист во дежурната амбуланта, за што се води прекршочна постапка. Претходно беа суспендирани двајца лекари специјалисти, откако од бронхопневмонија почина 14-месечно бебе. За неколку месеци ова е четврто починато дете на Детската клиника. Последниот случај беше со петгодишно девојче кое почина од воспаление на мозокот.
Симона Петровска