Македонија не инсистира на конкретно решение со Бугарија, туку бара некаква форма на гаранции дека пристапниот процес на земјата кон ЕУ нема понатаму да се билатереализира. Ова денеска го изјави министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, откако минатата недела од Брисел беа испратени неколку пораки во контекст на можноста за деблокирање на процесот со носење на уставни измени со одложено дејство, но и дека не е можна промена на преговарачката рамка.
Нашето инсистирање не е на конкретно решение, туку е на дебилатерализација на понатамошниот процес на пристапување во ЕУ. Секое решение кое ние ќе сметаме дека го обезбедува процесот на пристапување на земјата во ЕУ, за нас ќе биде прифатливо, изјави Орхан Муртезани, министер за европски прашања.
Техникалиите и формулаците на тоа решение, како што вели Муртезани, би се решавале низ процес на преговори.
Дали ќе бидат гаранциите од страна на соседна Бугарија, од некоја институција или ние тоа ќе го направиме билатерално, или која ќе биде формата, не е толку битно, колку што е суштината. Ние како земја и како влада да бидеме сигурни дека овој процес ќе заврши, изјави Муртезани.
За тоа дали и понатаму ќе се чека формирање на политичка влада во Бугарија за да се почнат разговори или ќе се послушаат советите од Брисел македонскста влада веднаш да почне разговори со Бугарија, без оглед на политичката криза таму и извршна власт водена од техничка влада, одговорот од Муртезани е дека ќе се почека уште малку за тоа.
Знаеме дека техничка влада од другата страна нема да се нафати ни за добродоседски дијалог, а не пак за решавање на покомплексни проблеми, е ставот на Муртезани.
Дел од експертите пак се не се големи оптимисти дека некакви гаранции би можеле да се добијат од Бугарија, иако има информации дека во ЕУ се работи со Софија по тоа прашање.
Тешко ми е да го видам тоа, особено мислам дека било какви правни гаранции, ако зборуваме во тој контекст. Веројатно говориме за некои политички дискусии коишто допрва ќе се материјализираат. Веројанто единствениот актер којшто во моментот е стабилен таму е претседателот, (Румен) Радев, што креира дополнителни прашања, вели Симонида Кацарска, директорка на Институт за европска политика.
Ставот на Кацарска околу можноста ЕУ да прифати уставни измени со одложено дејство е на линија на она што минатат недела стигна како порака од Брисел, дека такво нешто е речис неможно и оти во Европската комисија не се ни разговара за таква можност.
Кацарска е на став дека Македонија во моментов и не е главна тема во Брисел, со оглед дека првата посета на новата еврокомесарка за проширување, заедно со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика не ЕУ и новиот претседател на Европскиот совет е на Украина.
Тамара Грнчароска