Вести Економија

Дурмиши: Доколку не ги донесевме мерките, цените на храната ќе пораснеа

Доколку не ја донесевме Есенската кошничка и акцијата „Помалку трошоци – повеќe за вас“ цените на храната дополнително ќе се зголемеа, а со тоа и инфлацијата, истакна денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Овие одлуки ги донесовме за заштита на стандардот на граѓаните бидејќи во минатите месеци Државниот завод за статистика излегуваше со информации дека има раст на цените на основните прехранбени производи. Затоа направивме акциски план со кој ја донесовме есенска потрошувачка кошничка за да им излеземе во пресрет на граѓаните. Да не ги донесевме одлуките, цените на основните прехранбени производи ќе имаа уште поголем раст и инфлацијата ќе беше поголема од 2,6 отсто колку што е сега, рече Дурмиши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција по повод 100 дена Влада.

Потсети дека во сила e и Законот за нефер трговски практики и истакна дека производите ќе се продаваат по старите цени додека не се потрошат залихите во маркетите.

Кога ќе се усогласат цените со добавувачите, ќе има и дополнително намалување на цените. Тоа ќе се случи на крајот на овој или на почетокот на идниот месец. Во овие три месеци тече преодниот рок за усогласување на цените во кои Комисијата за заштита на конкурентност ќе биде на терен и ќе ги опоменува тие што не го почитуваат Законот и ќе им дели совети да го почитуваат. Потоа кон крајот на годинава или на почетокот на идната ќе почне со казнување и ќе постапуваат според надлежностите кои ги имаат согласно Законот, прецизира Дурмиши.

Нагласи дека тече процедурата во Собранието за реорганизација на Комисијата за заштита на конкурентност со која, како што кажа, ќе се подобри нејзината функционалност.

И да е во целосна функционалност Законот за нефер трговски практики не знаеме дали фирмите ќе го почитуваат. Затоа мора да се направи реорганизацијата на Комисијата за заштита на конкурентност која е во собраниска процедура. Сега Комисијата не е функционална и затоа треба да помине собраниската процедура, да им дадеме дополнителни ингеренции и да се реорганизира за да биде функционална, посочи Дурмиши.

Рече дека Министерството за економија и труд нема информации за изигрувањата што ги прават трговците во имплементацијата на Законот за нефер трговски практики.

Кога ќе излезе на терен Комисијата за заштита на конкурентност, ако забележи дека има неправилности од компаниите, нормално е дека ќе се постапува според Законот и ќе пишува казни, истакна Дурмиши.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Започна иденфикацијата на жртвите од земјотресот во Венецуела – бројот на загинати надмина 1.430 луѓе

Дејан Дејан

Возеле во спротивен правец на автопатот Гостивар-Тетово – двајца приведени

Дејан Дејан

Приведени четворица заради убиство во скопски Таор – мажот прво ја пријавил за исчезната, а потоа дека ја нашол мртва жената

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе