20 илјади евра казна треба да платат трговците кои не ги промениле цените. Извршени се повеќе од 60 контроли низ државата, а казнети се 8 маркети, дел од нив со познати имиња во кои граѓаните пазарат секојдневно. Два од казнетите објекти се од Скопје, а три во Струга и Струмица. Во просек казните од објект се движеле околу 2.500 евра. Од Државниот пазарен инспекторат вчера ги проверуваа големите маркети, а денеска на мета се бурекџилниците, помалите маркети и останатите трговци на мало.
- „Издадени се 8 прекршочни платни налози во висина од над 20 илјади евра, а кај останатите субјекти постапките се во тек. Излезени се 47 тимови на терен, односно 135 инспектори на ниво на цела Македонија“ – Државен пазарен инспекторат.
Со одлуката на Владата трговците уште од вторникот имаа обврска да ја намалат профитната маржа на повеќе од седумдесет прехранбени производи за 10 отсто, со што би се намалите и нивните цени во малопродажба.
За два дена стапува на сила и Законот за нефер трговски практики со кој ќе се ограничи рабатот на над 2.500 производи. Но, граѓаните се скептични, велат дека не очекуваат значително поевтинување.
Надлежните појаснија дека дел од производите кои се во есенската потрошувачка кошничка, а досега имале бруто профитна маржа помала од 10% сега немаат обврска да ги намалат цените.
Се очекува дека Законот за нефер трговски практики на кој се противеа дел од бизнис коморите ќе стави крај на проблемите со цените.
Инаку според последните податоци на статистика за неколку недели најголемо поскапување од десет проценти имало кај зеленчукот.
Тамара Марковска
Мерката за ограничена маржа ги поевтини некои производи за само еден денар
