Македонија ќе треба да плати провизија од 70.000 евра за правни услуги и тоа на приватна фирма за заемот од Унгарија.
Во договорот, кој е дел од предлог законот за задолжување, стои дека на товар на заемопримачот, во случајов Македонија, паѓаат трошоците за провизија за извршен правни услуги од фирма која, пак, ќе ја одреди унгарската Експорт-Импорт банка со која државава го склучува договорот за заемот.
На прашањето до премиерот Мицкоски „зошто има потреба од трошоци за правни услуги кога за задолжувањето има закон кој треба да помине во Собрание“, тој кусо одговори дека „сумата од 70.000 евра за консултантски услуги е помала од она што досега се плаќало за други заеми“.
„Трошоците изнесуваат 70.000 евра и тоа е нормална процедура и тоа е 10 пати помалку што сме го плаќале до сега како држава за некои претходни заеми“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Останува да се види во чија каса ќе завршат овие пари за провизија.
Во документот стои и дека за средствата од кредитот кој нема да се повлечат ќе се пресметува камата. Исто така, пишува и дека договорот за заемот се регулира според законите на Унгарија, а доколку настане спор меѓу двете држави, тој ќе се решава на арбитража пред судот во Хаг.
Токму решавањето на судските спорови надвор од границите на државава беше една од работите за кои реагираа дел од домашните експертите во минатото за одредени договори кои се правеа со инвеститори.
Предлог законот со кој земјава ќе се задолжи со 500 милиони евра кај унгарската Експорт-Импорт банка веќе влезе во собраниска процедура и ќе се носи по скратена постапка.
Каматната стапка на кредитот е 3,25 отсто, а рокот на отплата е 15 години со вклучен три години грејс период. Ова практично значи дека кредитот ќе се отплаќа до 2039 година.
Половина милијарда евра од унгарската влада ќе се потрошат за бизнисот, но и за капитални проекти во Општините. И двете страни ќе добијат по 250 милиони евра.
Мицкоски тврди дека се што претходно било кажано за заемот е содржано во законот. Повтори дека на крајот од јануари треба да се врати еврообврзница. Ако каматите бидат поповолни ќе се излезе на пазарот и ќе се бараат средства од меѓународните финансиски институции, а ако останат високи во тој случај ќе се повлечат и останатите 500 милиони евра заем од унгарската влада.
Провизијата за правни услуги на фирмата ќе и бидат исплатени пред да биде повлечена првата транша од кредитот.
Ирена Чачкова
