Производителите се скептични дека со законот со кој се ограничуваат профитните маржи ќе се стави крај на нефер трговијата. Велат дека токму високите маржи се една од причините за цените кои денеска граѓаните ги гледаат по маркетите и дека никој нема лесно да се откаже од парите кои лесно се заработуваат.
Маржите се енормно големи колку јас продавам домати, а колку ти ги купуваш. Не може од Струмица до Скопје да биде 40 денари разлика во цена. Не можам тоа да го разберам точно треба и трговецот да земе и да заработи , ама тука треба да се преземе чекор за сите тие маржи да се намалат. Кој ќе го спроведува тој закон, 1.000 проценти ќе го бојкотираат кој ќе се откаже од колачот, тие се убави пари, слатки пари, брзи пари ,лесни пари, вели за Телма производителот Васе Митушев
Со закон и со листата на производи чии маржи не треба да бидат повисоки од 10 отсто треба да се воведе ред со цените во маркетите.
Со него се ограничува рабатот кој добавувачот му го одобрува на купувачот. Ова е всушност столбот на законот. Но, деновиве од бизнисот излегоа со различни ставови за документот. Од најголемата комора во земјава за два дена испратија две писма до премиерот Мицкоски. Со првото бараа измени, бришење на делот со кој се ограничува рабатот и пролонгирање на законот, но следниот ден со нов допис се откажаа од барањата.
Од Комората на Северозападна Македонија сметаат дека законот треба да почне да се применува, но рабатот да не се ограничува, а од ССК не се согласуваат со тоа затоа што така им се остава простор само на трговците да се богата.
Граѓаните пак периодов се соочуваат со нов скок на цените во маркетите. Премиерот Мицкоски рече дека за сега не се планира замрзнување на цените, но како што пренесоа дел од медиумите министерот за економија Дурмиши соопштил дека ќе се ограничат само за основните производи без да даде повеќе детали.
Од тука се поставува прашањето зошто би се вовела оваа мерка со оглед на тоа што постои закон и листа со кои треба да се намали притисокот од поскапувањето.
Дел од бизнисот пак смета дека праксата на ограничување на цените треба да престане, а државата во иднина да не се меша во нивното формирање.
Според, последните податоци на ССМ, на едно четиричлено семејство за да ги покрие основните трошоци во месецот му се потребни над 1.000 евра, а речиси една минимална плата оди само за храна.
Ирена Чачкова
