Премиерот Христијан Мицкоски најави дека може да се одложи примената на Законот за забрана на нефер трговски практики за неколку недели доколку има објективни причини за тоа.
Според Мицкоски, важно е примената да биде како што треба.
– Доколку постојат објективни пречки или причини да треба да се одложи за некоја недела не е тоа голем проблем, ќе ја донесеме одлуката да се одложи за некоја недела само да биде имплементирано како што треба. Ова е закон донесен од претходната Влада. Ако објективно неможе да се примени нема со сила нешто да правиме, ако навистина нема можности така ќе постапиме, изјави Мицкоски прашан за писмото што му го упатил претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, дека е краток периодот за прилагодување кон новото законско решение.
Мицкоски рече дека нема добиено такво писмо, но оти ќе го прочита со големо внимание, а откако ќе го добие ќе ја искоментира содржината.
Законот за забрана на нефер трговски практики беше изгласан на 13 март годинава, а при крај е шестмесечниот период за прилагодување и старт на примената.
Во законот се уредени правилата и мерките за спречување на наметнување нефер трговски практики, кои отстапуваат од доброто трговско однесување, се утврдуваат нефер трговските практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи со чие наметнување се искористува значителната преговарачка моќ на купувачот во однос на неговите добавувачи, постапките за утврдување нефер трговски практики, како и соработката помеѓу надлежните органи за спроведување на надзорот над примената на нефер трговските практики.
