Што ќе се случува со минималната плата појасна слика ќе има за околу две недели. На 15-ти септември планот е да има средба меѓу Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), работодавачите и претставници од Владата. Синдикатите бараат минималецот да се зголеми на 450 евра и тоа да се случи сега во првите 100 дена Влада кои се навршуваат на 26-ти идниот месец, а не да се чека до март. Министерот за економија Дурмиши, пак, тврди „ако се прави вонредно зголемување, ќе треба да се менува законот“.
ССМ сè уште чека и средба со премиерот Мицкоски. Тој пред извесно време рече дека ќе им го даде на увид буџетот на синдикатите за самите да видат дали има пари за повисок минималец. Но, пред неколку дена беше на ставот дека ова прашање добива политичка конотација и гледа синхронизираност меѓу ССМ и опозицијата.
Синдикатите, пак, бараат веднаш да се зголеми минималната плата, затоа што цените во маркетите продолжуваат да дивеат. Месечните трошоци за живот постојано растат. На едно четиричлено семејство му се потребни над 1.000 евра да ги покрие основните потреби. Речиси една минимална плата оди само за храна.
Дел од соседите одлучија со одредени мерки да ги намалат сумите, кај нас премиерот Мицкоски упати апел до трговците – колку можат да ги спуштат маржите.
Со Законот за нефер трговски практики, кој беше усвоен од претходната Влада во март годинава, маржите на над 2.600 производи е ограничена до 10 отсто. Со овој закон до крајот на септември треба да се стави ред во цените на овошјето, зеленчукот, дел до прехранбените производи.
Вчера од Сојузот на стопански комори за Телма изјавија дека до крајот на септември, трговците имаат рок да ги усогласат маржите со законот, но дека има најави од нив дека ќе ги опструираат одредбите.
Минималната плата во моментов изнесува 22.560 денари и е една од најниските во регионот.
Ирена Чачкова
