Првиот регулатор Бислимовски со повик до малите фирми да го напуштат регулираниот пазар и со струја да се снабдуваат на отворен каде цената е пониска. Со ваквиот потег, освен што ќе имаат помали трошоци, ќе се намали и притисокот на цената на електричната енергија за домаќинствата.
„Сега кога е поевтина не гледам услови да седат на регулиран пазар тоа од друга страна ни прави притисок на цената на домаќинствата. Но, овие мали потрошувачи кафулиња, дуќани, нека си одат на слободен пазар ако не го искористат тоа прави никој не им е крив“, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.
Откако Владата пресмета дека струјата на ЕСМ која е наменета за граѓаните треба да поскапи за 5 отсто, дел од експертите предложија да поевтини мрежарината. Бислимовски вели за сега тоа не може да се направи, но можно е да се случи во декември кога ќе се носи и нова одлука. Оваа ставка во сметките многу често чини повеќе од потрошената електрична енергија. Дел од експертите предлагаат и укинување на надоместокот за пристап до мрежа од 200 денари кој се воведе на почетокот од годинава. Бислимовски тврди ако се случи тоа ќе поскапи евтината тарифа.
„Имаме погодени експерти со 4 до 5 стана со фотоволтаици на своите куќи и јас не можам тука да им помогнам, но да се кажуваат невистини дека таков надоместок немало никаде во свет тоа е срамота“, додава Бислимовски
Одлуката на Владата е цената на струјата на ЕСМ за домаќинствата да поскапи од 57 на 60 евра за мегават час. Производната цена на електрани, пак, се движи околу 90 евра. Од друга страна, пак, ЕСМ повеќе не добива буџетска поддршка, па од тука се поставува прашањето дали без тие пари државните електрани ќе успеат да ја испеглаат оваа разлика. Загубите на компанијата за само три месеци се, речиси, 40 милиони евра, но наместо со пари, проблемите во компанијата се решаваат со препораки. Новата цена на струјата ќе се знае деновиве, а ќе важи од 1 јули.
Ирена Чачкова