Македонската машка одбојкарска репрезентација по само две одиграни кола во фазата по групи успеа да се пласира во осминафиналето од Европското првенство.
Пред стартот на шампионатот целта беше да се забележат победи против Данска и Црна Гора и избраниците на селекторот Јошко Миленковски тоа и го исполнија.
“Овие две победи ни беа најважни, а потоа рековме дека ќе уживаме на ова првенство. Не треба да застанеме тука. Утре имаме натпревар против најдобрите на светот, играчи кои се од друга планета и мислам дека самото тоа треба да претставува магнет за публиката. Нека биде тоа една ревија во која ќе уживаме сите заедно. Колку и да сме оптимисти, играме против најдобрите на светот. Нашето внимание ќе биде за следните натпревари и верувам дека нема да има изненадувајќи резултати до крајот. Ние нашето го направивме и верувам дека со оваа победа го потврдиме пласманот”, изјави предводникот на националниот тим.
Тој на крајот и се заблагодари на публиката која вечерва скоро да ја исполни арената Борис Трајковски и на нашите репрезентативци им даде огромна поддршка.
“пред се мораме да бидеме благодарни на оваа прекрасна публика, за овој прекрасен амбиент. Имаме трема и возбуда. Јас зад мене имам стотици натпревари, но и јас имам трема пред ваква публика која не поддржува од се срце, пее и се радува заедно со нас”, заврши селекторот.
ФОТО: Игор Паневски