Вести Македонија Најважни

Верувам во Господ, во мене и во сите Вас- Сашко Георгиев во првото обраќање откако стана нов претседател на Судскиот совет

Сашко Георгиев избран за нов претседател на Судскиот совет. Со 8 гласа ЗА и 4 Против. Поранешната претседателка Весна Дамева не присуствуваше на седницата, си замина пред почетокот, јавува нашиот репортер.

Изборот следува откако пред два дена седницата беше одложена, бидејќи членовите не можеа да ги соберат потребните осум гласа за избор на нов претседател. Осмиот глас денеска го дала судијката Тања Чачарова Илиевска, која гласала ЗА да профункционира Советот.

Откако гласањето беше заклучено, новиот претседател на Судскиот совет Сашко Георгиев се обрати кон медиумите и им посочи дека е голем верник.

-Јас верувам во Господ, верувам во себе, во Вас, во сите колеги дека ќе има позитивни работи, рече Георгиев.

Георгиев беше еден од 7-те пучисти кои минатата среда набрзина и во законски непредвидена процедура гласаа за разрешување на Весна Дамева од претседателската функција во советот на мачната седница кога требаше да се расправа и за покренување на постапка за апелациониот судија Енвер Беџети (за кого беше откриено дека го држел во Апелација предметот Тврдина Таргет за Сашо Мијалков и за масовното прекршување на човекови права со нелегално прислушување).

Сашко Георгиев сега седнува на местото на Весна Дамева која беше разрешена од функцијата по тензична седница на Судскиот совет, која се одржа пред 10 дена. На своето обраќање не соопшти каков е неговиот став за чувањето на предмети во фиока и како ќе се однесува кон такви судии меѓу кои е, како што утврди и тим од Судскиот совет и апелациониот судија Енвер Беџети.

На мачната седница минатата среда, караниците кулминираа во моментот кога Дамева одби да стави точка на гласање која ја немаше во дневниот ред. Нејзиниот заменик Селим Адеми повика на гласање, пришто седум члена го поддржаа, по што тој констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.

Ваквата постапка како незаконска, неетична и недостоинствена ја осудија експертите, професорите по право и стручните набљудувачи, но пучистите продолжија да работат и на крај најдоа 8-ми глас за да го легализираат пучот кој само ја зголеми недовербата во судството.

Тања Чачарова Илиевска беше клучниот глас ЗА денеска. За Георгиев гласаше самиот тој заедно со водачот на пучистите, заменик претседателот Селим Адеми. За да успее пучот гласаа и членовите на Судскиот совет Ханиф Зендели, Лорета Ѓоргиева, поранешната претседателка на Советот Павлина Црвенковска. Членовите Мирсад Сурои и Милјазим Мустафа исто така беа ЗА и двете гласања и на она спорното за разрешување на Дамева и на денешното за нов претседател.

Експертите од скандалот наваму повторуваат дека процедурата за разрешување е целосно незаконска и сега препорачуваат,  Парламентот да ги разреши 5-те членови кои се избрани од пратениците.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Двајца загинати во директен судар на патот Штип-Радовиш

Дејан Дејан

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе