Секој бугарски државјанин што ќе се појави на избирачките места отворени низ Македонија денеска, ќе може да гласа на овие предвремени парламентарни избори во Бугарија. Вкупно пријавени се 169 гласачи во Македонија, но можат да гласаат и оние кои не се пријавиле, но и оние кои немаат никаков важечки документ. Централната изборна комисија на Бугарија за првапат на овие избори им дава ваква можност на избирачите.
Според решението на Централната изборна комисија, оваа година можат да гласаат бугарски граѓани кои дури имаат само времени патни исправи. Можат да гласаат бугарски граѓани кои немаат никакви документи во моментот, со пополнување на една изјава, која ќе биде проверена во Конзулатот и ќе им биде дадено уверение со кое ќе можат да гласаат. Тоа е многу важно да се знае, затоа што тоа за првпат се случува во време на избори. Доаѓаат во Конзулатот, пополнуваат изјава, им се дава уверение и гласаат. Нема никаков проблем, секој бугарски граѓанин може да дојде да гласа, вели Иван Спасов, претседател на Изборна секција во Битола.
Според списоците што ги објави бугарската Централна изборна комисија најмногу пријавени за гласање во Македонија има во Кавадарци 42, потоа Прилеп 41, Тетово 40. Во Струмица се пријавиле 22 македонски Бугари, 15 во Скопје и девет во Битола, каде се гласа во Генералниот конзулат. Во избирачкиот одбор седеше и поранешниот началник на битолската полиција, Димитар Црномаров, но на списокот во Битола за гласање, го нема раководството на клубот Ванчо Михајлов кој неодамна е избришан од Централниот регистар. Од избирачкиот одбор велат дека гласањето се одвива без проблеми.
Денес изборите започнаа нормално, во 7 часот беше отворено изборното место. Имаме доволно избирачи, луѓето доаѓаат да гласаат. До овој момент се во ред, нема никакви прекршувања, рече Спасов.
Гласањето и во Прилеп течеше нормално.
Навреме се отвори избирачкото место, има и пријавени и непријавени гласачи. Нормално тече, нема проблеми, се се одвива нормално. Се надеваме дека така ќе помине денот без проблеми, рече Маргарита Спасова Крстева, претседател на Изборната секција во Прилеп.
Во Охрид, иако никој не се пријавил за гласање, сепак отворено е избирачко место, а во Прилеп се гласа на избирачко место во центарот на градот.
Во Прилеп кој е меѓу градовите со најмногу пријавени гласачи во Македонија на овие избори во Бугарија, е на чекор до Участакот, местото каде Македонскиот народ се крена во борба против фашизмот. Во Охрид пак на избирчакото место во седиштето на културниот центар во згаснување „Цар Борис Трети“, не се пријавил ниту еден гласач.
Бугарската Централна изборна комисија соопшти дека вкупно се пријавиле 47.389 лица кои можат да гласаат во амбасадите и конзулатите на Бугарија во странство. Најголем број пријавени има во Турција, Велика Британија и Германија. Ова се петти по ред парламентарни избори во две години, откако по последните избори ниту една пратеничка листа не успеа да формира влада, поради што Бугарија функционира со преодни Влади.
Емилија Мисирлиевска