Македонски Железници (МЖ) Транспорт никако да крене глава од долговите кон енергетските компании. Откако се плати дел од цехот кон ЕВН, сега на адреса на претријатието се очекува нова фактура за струја, но овојпат од МЕПСО. На крајот на минатата година, МЖ Транспорт краток период беше во мрак. Тогаш ЕВН им ја исклучи струјата поради неплатени сметки и накалемен долг кон компанијата од над 6,5 милиони евра. Железница остана без снабдувач и почна неовластено да влече електрична енергија од мрежата МЕПСО. Колку ќе треба да плати за овие количини, судски вештак допрва ќе утврдува.
„МЖ Транспорт остана без снабдувач и почна неовластено да влече струја од мрежата, за овој период од 15 дена ние веќе сме овластиле судски вештак да се направи проценка на вкупната вредност и количината на повлечена енергија за да може да ги спроведеме останатите законски процедури“, вели Орхан Муртезани, директор на МЕПСО.
Иако, станува збор за фирма со сериозни финансиски проблеми, од МЖ Транспорт за Телма тврдат дека се трудат да работат домаќински и фактурата за тоа што две недели ја користеле оваа струја ќе си ја платат.
Долгот, пак, кон ЕВН се намали со префрлање на пари дирекно до буџетот и со тоа Транспорт се спаси од тотален мрак. Но, и натаму над три милиони евра долг кон компанијата треба да се подмири.
Финансиските проблеми на ова претријатие постојано се санираат со државни пари, но долгот на овој државен загубар никако да се намали. На новата листа на должници од министертвото за финансии, МЖ Транспорт повторно е на врвот со долг од, речиси, 70 милиони евра и во однос на претходниот период тој е зголемен.
МЖ Транспорт е едно од претпријатијата за кое досега многу раководители се обиделе, но не успеале да најдат решение. Поранешниот премиер Заев збориваше дека фирмата е зрела за јавно-приватно партнерство или за приватизација, затоа што за да опстане постојано се прави дотур на пари од буџетот. Но, иако постојано се зборува, засега нема никаков план за спас на претпријатието.
Ирена Чачкова
