Вести Економија Најважни

„Шема“ меѓу големи фирми и нивни фирми ќерки: Со промена на сопствеништво на 3.000 броила до поевтина струја

Околу 2.500  фирми осмислиле итар план за да дојдат до поевтина струја од онаа која ја добивале на отворен пазар. Нивните броила ги префрлале или на физичко лице, или пак на новата фирма која ја формирале за да може да дојдат до струјата од регулиран пазар, од каде се снабдуваат домаќинствата и малите потрошувачи, дознава Телма. Станува збор за промена на сопствеништво на 3.000 струјомери.

Овие фирми сѐ уште се на регулиран пазар и со месеци црпат струја од домаќинствата. Нивното присуство таму веќе почна да прави проблеми. Тоа се докажува и со соопштението од Влада во кое се наведува дека во испораката кон ЕВН ХОУМ ќе бидат вклучени одредени количини на електрична енергија по цени кои се исти со производствената на ТЕЦ Неготино, односно која е повисока од онаа на регулиран пазар. Токму ваквата набавка може да направи притисок врз цената за домаќинствата од следната година, нешто на што одамна предупреди РКЕ.

Листата на компаниите „шемаџии” е долга и сите надлежни институции ја знаат. Но, и поркај тоа што тие нанеле голема штета на буџетот, а од друга страна направиле големи профити, ниту една институција не сака да ги каже. За ваквата шема во јавноста се зборува само за општините, но не и за имињата на големите „шемаџии“.

Моделот да се дојде до поевтина струја се користи уште од почетокот на годинава. По неколку месеци молк, институциите ќе ја спасуваат струјата која наместо домаќинствата и малите потрошувачи ја трошеле овие големи фирми по добро скорена шема.

Од финансиската полиција најавија дека од денеска ќе тропаат на нивните врати. А по завршувањето на проверките, согласно надлежностите, се доставува известување до надлежните обвинителства. И од УЈП потврдија дека ќе свикаат координативен состанок со сите засегнати страни.

Во меѓувреме, се чека обвинителството да пресече како кривично ќе се гонат овие индиции на злоупотреби.

Откако цената на струјата на берзите почна неконтролирано да расте, околу 12 илјади потрошувачи пребегаа на регулираниот пазар. Пред да го направат тоа, формирале фирми ќерки со по 20 вработени со кои направиле закуп на броилата на фирмите мајки. Со ваквиот модел им се отвара патот да користат субвенционирана струја како за домаќинствата и за малите потрошувачи.

Индустриски компании, ланец маркети, аптеки, казина, осигурителни компании, мобилни оператори, речиси сите општини, се само дел од оние кои го изиграле законот и дошле до поевтина електрична енергија.

Ирена Чачкова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Неоправдано и без основа е зголемувањето на цените на автомобилското осигурување, одлучи АСО

Дејан Дејан

Директорката на Токсикологија со преведувачка пред инспектори, се уште доаѓаат на работа и лекуваат и оние 11 кои не се вработени

Дејан Дејан

Протести во Грузија : Полицијата употреби шок бомби и солзавец

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе