Вести Економија

Владата донесе одлука за забрана на извоз на огревно дрво, пелети, пченица и брашно

Со цел да се заштити домашното производство, и да се одржи снабдувањето на домашниот пазар, за да се избегне растот на цените, во насока на задржување на стандардот на граѓаните, Владата на денешната седница донесе две одлуки, едната за ограничување на извозот на одредени производи и другата за укинување на царината за увоз на масло за јадење од сончоглед.

Како што соопштија од владината прес-служба, за да се спречат сериозни пореметувања на пазарот во земјата кои може да настанат со извоз на пченица и брашно од земјата, Владата донесе одлука до крајот на годината, односно до 31 декември 2022 година да се ограничи извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица.

Во услови на економската криза предизвикана од воените случувања во Украина и пореметувањата на светскиот пазар на пченица на кој се јавува сериозен недостиг на пченица, потребно е да се превенираат евентуалните дополнителни нарушувања на пазарот во земјата кај овие основни прехранбени производи, неопходни за исхрана на населението, се вели во соопштението од Владата.

На денешната 63-та владина седница, на предлог на Министерството за економија беше донесена и одлука за ограничување на извозот на огревно дрво и пелети до крајот на годината, односно до 31 декември 2022 година, со цел да се спречат и избегнат последиците предизвикани од зголемената побарувачка на населението за огревно дрво предизвикана од енергетската криза на светскиот пазар.

Во консултација на Министерството за економија и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата повторно донесе одлука за укинување на увозната давачка – царинската стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење поради потребата да се одржува снабдувањето на домашниот пазар од растот на цените, соопшти прес-службата на Владата.

Оваа одлука ќе важи до 31 декември 2022 година. Ваква одлука се применуваше до 31 мај 2022 година.

Имено, редовната царинска стапка на маслото од сончоглед за јадење е максимум 29 посто, така да со оваа мерка се дава можност на увоз од други земји за кои нема преференцијален третман во трговијата или се предмет на мала бесцаринска квота во рамки на договорите за слободна трговија, се наведува во соопштението.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Си Џипинг денеска пристигнува во Белград

Дејан Дејан

На инаугурацијата на Путин нема да присуствуваат ЕУ, САД и Велика Британија

Дејан Дејан

Пленковиќ тврди дека има повеќе од 76 пратеници за состав на влада

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе