Гаспром ја прекина испораката на гас во Германија поради годишно одржување на гасоводот „Северен тек 1“, додека во Германија се појави загриженост дека испораката нема да продолжи по неговото завршување. Операторот на „Северен тек 1“ соопшти дека станува збор за рутинска операција која вклучува и тестирање на механичките и автоматските системи, а гасоводот ќе се врати во функција на 21 јули.
Германските економисти сметаат дека целосното запирање на испораката на руски гас преку Газпром ќе предизвика рецесија и пад на економијата од околу 5 проценти.
Тогаш ќе имаме тешка рецесија, што значи пад на економијата од околу 5 проценти. Тоа би било нешто слично со тоа што го доживеавме со финансиската и економска криза во 2008, 2009. Значи, тоа би било дефинитивно тежок потрес за германската економија, вели аналитичарот Крис Оливер Шикентанц.
Но сомнежот кај германските власти останува, особено што минатиот месец Газпром ја намали испораката преку „Северен тек 1“ за 60 проценти, тврдејќи дека станува збор за дефект на турбина која напојувала една од станиците за компресирање. Проблематичната турбина беше испратена на сервис во Канада, од страна на партнерската компанија на Газпром, „Сименс енерџи“, но не можеше да се врати назад поради санкциите против Русија и Газпром за војната во Украина.
Во саботата Канадската влада соопшти дека ќе дозволи турбината да биде испорачана назад во Германија, токму поради негативните ефекти кои би ги имало врз германската економија прекинот на испораката на руски гас.
Сепак, германската влада смета дека намалувањето на испораката нема никаква врска со технички проблеми, туку дека станува збор за политичка одлука со цел проширување на несигурноста и зголемување на цените.
Игор Трајков
