Инфлацијата годинава речиси 10 отсто. Дел од експертската јавност со попесимистички проекции од оние на Владата, која со ребалансот на буџетот прогнозира дека таа за 2022 ќе биде 7, 2 проценти. Од институтот Фајнанс Тинк појаснуваат дека повисоките бројки се резултат на глобалните случувања кои се отсликуваат и врз домашната економија. Нивните прогнози се далеку полоши и за растот на БДП. Очекуваат тој годинава да не достигне ниту 3 проценти, од владата пак сметаат дека ќе биде 3, 2 отсто.
Неизвесноста во економијата значајно се засили по Руската инвазија врз Украина на крајот од февруари 2022. Изгледите за растот на Европскиот континент се влошија, а интензитетот на конфликтот укажува на подолготрајност на ценовните притисоци во споредба со првичните прогнози. Оттука, „Фајнанс тинк“ надолно ја ревидира проекцијата за растот на БДП во 2022 на 2.8%, додека годишната инфлација се проектира на 9.7%, соопштуваат од Институтот.
Иако статистика измери благо подобрување кај БДП во првиот квартал од 2,4 проценти и заживување на одредени сектори, експертите не се задоволни од бројките. Предупредуваат дека во втората половина состојбата ќе биде полоша, цените ќе продолжат да растат, а не се исклучува можноста ниту од рецесија.
Допрва ќе скокнат цените. Значи ние тоа не го гледаме сѐ уште. Инфлацијата од 12 проценти во мај, а укинувањето на мерките е во јуни и тој раст допрва ќе се види. Моја некоја прогноза е дека инфлацијата во јуни, најверојанто ќе достигне веќе 15 посто, вели за Телма, аналитичарот Бранимир Јовановиќ.
Ниту на глобално ниво нема значи дека ќе биде подобро. Прогнозите на ММФ за светската економија се полоши од претходната година. Предвидувањата се дека некои земји ќе влезат во длабока рецесија, а има закана и од стагфлација- односно светот да се соочи со уште повисоки стапки на инфлација и значителе пад на производството.
Ирена Чачкова
