Откако во интервјуто на Топ тема на Телма, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврдеше дека има огромен скандал со милиони евра во УЈП, тој соопшти и на кој начин се одвивало тоа извлекување на пари преку фиктивен поврат на ДДВ, за што го обвини водечкиот СДСМ-ДУИ двоец на чело на даночната управа.
-Ако ме прашувате како тоа функционирало, еве ќе се обидам да објаснам, имаме субјект А, кој е инстант-компанија и која генерира фиктивни побарувања од УЈП за поврат на данок на додадена вредност, и фирма Б, односно субјект Б, кој ѝ долгува на УЈП по основ на данок на додадена вредност. Фирмава А инстант-компанија отворено со фиктивни фактури ѝ приоѓа на фирмава Б и ѝ вели – дај да се прибиеме со цесија, односно нити тие мене да ми вратат нити вие да платите. Нормално, со определен надомест. И тогаш што се случува? Тие се пребиваат, ниту овие што должат на Управата, фирмата Б, плаќа, нити фирмата А добива официјално поврат на ДДВ, а фирмата Б нормално за одреден надомест ја прифаќа оваа услуга од фирмата А, изјви Мицкоски во Радовиш.
Од УЈП пак демантираа дека станува збор за новоткриена афера туку тврдат дека истрагата е отворена уште лани во јули кога се откриени малверзациите. Во СДСМ пак тврдат дека со обелоденување на податоци за распити и истражни дејствија, истрагата се загрозува.
-Јавноста треба да е целосно информирана, граѓаните не треба да се доведуваат во заблуда. Во таа насока, посочуваме дека не станува збор за афера на УЈП, туку станува збор за утврдено незаконско работење сторено од Даночни обврзници кое УЈП го детектираше навремено уште во јули 2021 година. Во интерес на предизтражната постапка на Јавното Обвинителство, информираме дека сите потребни материјали и податоци од страна на УЈП се доставени до институциите и дека се превземени сите потребни мерки во насока на заштита на државната каса, соопштија од УЈП.
Мицкоски пак тврди дека се испумпани со поврат на фиктивно уплатен ДДВ меѓу 20 и 30 милиони евра за што знаат и функционери на владеачката коалиција.
-Тоа е суштината и на тој начин никој од Управата, поточно од скопската дирекција, тука можеби детали може да ви каже и една актуелна пратеничка на СДСМ, која сега е пратеник, а порано беше директор на скопската подружница на Управата за јавни приходи. Или, пак, има еден господин, кој мислам дека доаѓа од општина Ранковце, близок до поранешен висок функционер на СДСМ, а сега министер, можеби тој што е сега актуелен директор на скопската дирекција на УЈП може да ви каже детали. Или, пак, самата директорка на УЈП или нејзиниот заменик може да ви ги каже деталите, нагласи Мицкоски.
-Неодговорното однесување, одбрана на криминалот, блокадите и лажните вести остануваат заштитен знак на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, возвратија од СДСМ.
Засега обвинителството не соопшти повеќе детали за предистрагата.
