Европската комисија може да ги поштеди Унгарија и Словачка од ембаргото за купување руска нафта, кое сега го подготвува, поради претпазливоста за тоа колку двете земји се зависни од руската сурова нафта, соопштува новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на изјави од високи претставници на ЕУ.
Се очекува Комисијата денеска да ја финализира работата на идниот, шести пакет санкции на ЕУ против Русија поради нејзините дејствија во Украина, кои ќе вклучуваат забрана за купување руска нафта, бидејќи извозот на нафта е главен извор на приходите на Москва. Унгарија, која е силно зависна од руската нафта, постојано вели дека нема да ги одобри санкциите кои вклучуваат енергија. Словачка е исто така една од земјите на ЕУ најмногу зависни од руските фосилни горива. За да го задржи обединет блокот од 27 земји, Комисијата може да им понуди на Словачка и Унгарија „исклучување или долг преоден период“.
