Во 81. година од животот почина еден од најдобрите фудбалери, а подоцна и тренери на просторот на поранешна Југославија, Ивица Осим.
Како играч најголемиот дел од кариерата ја мина во дресот на Железничар од Сараево за кој настапуваше 11 години и во тој период одигра 250 натпревари и постигна 75 гола.
Интернационалната кариера ја почна во 1970 кога се пресели во Стразбур, а потоа настапуваше за Седан и Валенсиен.
Како тренер почна да работи во матичниот клуб Железничар и ја предводеше најдобрата генерација во историјата на тимот од Сараево со кој во сезоната 1984/85 стигна до полуфиналето од Купот на УЕФА кога беше елиминиран од унгарски Видеотон.
По осум години минати на клупата на Железничар, Осим во 1986 ја презема селекторската функција и со репрезентацијата на поранешна Југославија настапи на Светското првенство во Италија кога успеа да стигне до четвртфиналето.
Во 1991 година го презема белградски Партизан кој ја освои шампионската титула, а потоа имал ангажмани во Панатинаикос, Штурм, ЏЕФ Јунајтед, а една година беше селектор на Јапонија.
