Конфузија во светските медиуми околу смртта на познатиот фудбалски менаџер Мино Раиола. Пред неколку часа беше прогласен за мртов, а тој се огласи на социјалните мрежи.
Италијанските медиуми објавија дека 54-годишниот Раиола денеска починал како последица на болест која не е објавена во јавноста. Но само два часа подоцна тој се огласи на Твитер и напиша: “Ако ве интересира мојата здравствена состојба таа е дека сум бесен и ништо повеќе. Не ми се верува дека во четири месеци втор пат сум прогласен за мртов”.
Еден од неговите најблиски соработници Хозе Фортес Родригез соопшти дека Раиола е во тешка здравствена состојба и дека е пренесен во болница во Милано, а потврда за моменталната ситуација даде и докторот Алберто Џангрило кој изјави дека наместо да се бори за животот за пациентот мора да одговара на телефонски повици.
Раиола во јануари оваа година поради здравствени проблеми мораше да замине на тешка операција по која лекарите соопштија дека неговата состојба не е животно загрозувачка и дека тој е пратен на домашно лекување.
Тој важи за еден од најдобрите менаџери на фудбалерите во светот и според магазинот Форбс се вбројува меѓи највлијателните личности во светот на фудбалот на неговото богатство само последниве години е зголемено за неколку стотина милиони евра.
