Дали ќе има ново зголемување на основната каматна стапка, од која зависат и останатите камати, ќе се знае на средината на мај. До тогаш детално ќе се скенира економијата, по што ќе се одлучува дали, и какви мерки ќе се носат за ублажување на последиците од инфлацијата. Пред извесно време НБРМ ја зголеми каматата на благајничките записи, за 0,25 процентни поени. Банките пак калкулираа дали, и за колку, би ги зголемиле каматите и на кредитите, и на депозитите.
Проекциите ќе завршат на средината на идниот месец и врз основа на тоа ќе се носи одлука дали ќе се реагира и кој инструмент би го користеле, и со кој интензитет би реагирале, вели гувернерката Анита Ангеловска Бежовска.
Иако и во следниот период се очекува забавен економски раст и зголемување на инфлацијата, Бежовска тврди дека за сега нема предвидувања за рецесија.
Доколку еу се соочи со рецесија не можеме да го избегнеме, но сега за сега не се очекува рецесија во глобални рамки, додава Бежоска.
За ублажување на последиците од глобалните кризи, државата преговара за нови заеми од меѓународните инситуции. Се споменуваат 900 милиони евра. Но, за што ќе се користат, Бежовска посочи дека за тоа одлука треба да донесе Министертвото за финансии. Околу 100 милиони евра земјава ќе добие и од ЕИБ, но од банката препорачаа парите да се искористат за точно утврдени цели.
Ирена Чачкова
