Државниот завод за ревизија во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер организираше настан/јавна расправа на кој беше презентирана драфт верзијата на Законот за државната ревизија. На настанот присуствуваа и активно учество земаа претставници од Владата и Собранието на РСМ, претставници од државните институции, ЕУ делегацијата во Скопје, професионалните институции, академската заедница, граѓанските организации и вработени од Државниот завод за ревизија.
Во своето воведно обраќање, главниот државен ревизор м-р Максим Ацевски изразувајќи благодарност до учесниците на настанот истакна дека со драфт верзијата на Законот за државната ревизија ќе се обезбеди финансиска и оперативна независност на врховната ревизорска институција. Притоа, додаде дека очекува предложениот законски текст да наиде на поддршка од извршната и законодавната власт, како и од претставниците на меѓународната заедница.
На настанот свои обраќања имаа и г. Фрек Јанман, претставник на Делегацијата на ЕУ во земјата, г-ѓа Снежана Калеска Ванчева, претставник на Собранието на РСМ, м-р Славица Грковска, заменик на претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, д-р Ширет Елези, претставник на Министерството за финансии и г. Дамир Незири, претставник на Фондацијата за демократија на Вестминстер во државата.
Новата драфт верзија на Законот за државната ревизија беше образложена од заменик главниот државен ревизор м-р Орхан Адеми и помошник на главниот државен ревизор Добринка Весковска, кои дадоа осврт на клучните придобивки од донесувањето на овој закон.
На настанот присуствуваа претставници од извршната и законодавната власт, меѓународната заедница, професионалните институции, академската заедница и граѓанските организации
Во делот за дискусија, учесниците имаа можност да ги изнесат своите коментари, сугестии и забелешки кои ќе бидат разгледани и инкорпорирани во драфт верзијата на Законот за државната ревизија.
Донесувањето на наведениот Закон за државната ревизија ќе обезбеди постапување по дадените препораки од страна на Европската Унија и во исто време ќе обезбеди финансиска и оперативна независност на Државниот завод за ревизија.
