Првичните резултати на водата за пиење од Злетовица покажаа дека е квалитетна и добра за користење. Се очекува од 1 март низ чешмите на штипјани да потече вода од најсовремениот систем за водоснабдување. Ова ќе значи и спас на штипското комунално претпријатие од високи сметки за струја, бидејќи производството на вода од Злетовица е поевтино, отколку од бунарскиот систем.
Штипјани можат да ја користат водата од Хидросистемот „Злетовица“ покажаа првичните резултати на Белгардскиот институт за јавно здравје. Анализите се очекуваат деновиве и официјално да пристигнат во Институт за јавно здравје во Скопје. Штипскиот градоначалник, Иван Јорданов вели дека водата од Злетовица се очекува и официјално да се пушти низ водоводниот систем за месец и половина.
Користењето на водата за пиење од Злетовица ќе значи и пониски сметки за струја. Штип спасот од енергетската криза и високите трошоци кои ги има за електрична енергија за пумпите во бунарискиот систем го гледа токму во Злетовица. Од 1 јануари штипски „Исар“ е на слободниот пазар за електрична енергија, па новата сметка се очекува наместо пет милиони да изнесува над 15 милиони денари. Зголемените сметки за струја ќе значи и намалување на реализацијата на капиталните проекти.
Викторија Јованова
