Економија Топ вести

Цело богатство вреди еден стан во Центар, а расте и цената на становите насекаде

Дури и до 1.700 евра за квадратен метар во централното градско подрачје достигна цената на недвижностите.

Недостатокот на локации за градење, замрзнатите Детални урбанистички планови, поскапите градежни материјали и работна сила си го направија своето – па така и вкупната цена на становите порасна.

Според извештајот на Народната банка во третиот квартал годинава, недвижностите поскапеле за 5,9%. Во првиот квартал зголемувањето изнесувало 3,2 отсто, а во вториот 4%.

И сето тоа е со тенденција да продолжи да расте и во иднина. Од Градежната комора оценуваат дека бројките на Народна банка нецелосно ја отсликуваат реалноста и дека ситуацијата е многу поразлична, а зголемувањето многу поголемо.

„Реалноста е сосема поинаква од тоа што се прикажува дека е 5,9% – конкретно во последниот квартал ТОА е многу повеќе. Тоа само ќе резултира во периодите коишто ќе доаѓаат понатаму. Во Центар, Карпош, Аеродром, Кисела Вода (централните градски општини) имаме покачување на цени повеќе и од 30%. Далеку сме ние од тоа што се покажува како статистика дека е 5,9%. Многу е поголемо поскапувањето на недвижностите во однос на крајна цена“ во изјава за Телма вели Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора при Сојузот на стопански комори.

Особено интересна е општина Центар. Таму веќе има и помала понуда на станови.

Бројни се факторите заради коишто сега недвижност не може да се најде во главната скопска општина за 1.100 евра по метар квадратен како пред само неколку години, анализира Јакимовски.

„Ако ја погледнете цената за 2017 година, односно на почетокот на 2018 година, истата беше 1100 евра. Сега се случува ние во Општина Центар да не можеме да најдеме недвижност под 1400, 1500, 1600, 1700 евра по метар квадратен. Тоа е само доказ на сите факти на коишто укажуваме ние во изминатиот период дека ќе направи дополнителни шокови и дека ќе направи дополнителен притисок меѓутоа не бевме сфатени сериозно и бевме ставени во позиција дека ги штитиме само личните интереси“ вели Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора при Сојузот на стопански комори.

Сепак, станови не се бараат само на оние најатрактивни локации и за градежниците, но и за идните станари.

Освен централното градско подрачје и местата како Карпош и Аеродром каде што секогаш најмногу се бараат станови, во последно време зголемен е интересот за недвижнини и во околните скопски населби како Кисела Вода, Гази Баба, Чаир и Бутел.

Според базата на Регистарот на цени и закупнини, на пазарот на недвижности во третиот квартал се регистрирани 9.231 трансакција, од кои 7.277 продажби на недвижности и 1.954 закупи на недвижен имот.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

ССМ ќе протестира пред Врховниот суд и Министерството за здравство

Дејан Дејан

Откажани летовите од Виена до Скопје и обратно поради штрајк на вработените во „Аустријан ерлајнс“

Дејан Дејан

Дали воведувањето на глобалниот данок од 15 отсто ќе ги испразни ТИРЗ зоните во земјава?

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе