Бен Симонс дефинитивно нема иднина во тимот на Филаделфија. Тој ќе го пропушти првиот сезонски натпревар, бидејќи е суспендиран од Сиксерс поради непрофесионален однос.
Кошаркарот од Австралија цело лето бараше трансфер од редовите на Филаделфија и одбиваше да се појави на подготовките за новата сезона. Откако Сиксерс не можеа да пронајдат доволно добра размена со заинтересираните тимови, Симонс со сила се врати во градот и почна да тренира со тимот.
Денеска тренерот Док Риверс го исфрлил од тренингот, бидејќи воопшто не се залагал. Наводно, Симонс не се ни трудел да тренира и во дефанзивните вежби само стоел на паркетот. Риверс го загубил трпението и му го покажал патот кон соблекувалната. Кошаркарот воедно е и суспендиран и ќе го пропушти првиот натпревар во новата сезона против Њу Орлеанс.
Утринава започнува јубилејната 75.сезона во НБА-лигата, а се среќаваат актуелниот шампион Милвоки и Бруклин, додека Лос Анџелес лејкерс го пречекува Голден Стејт.