Се почесто и се повеќе луѓе и институции, прстот на одговорноста за малверзациите со увоз на деривати и отпадни масла за греење и горење го вперуваат во Царинската управа. Граѓанскиот инспекциски совет оценува дека одговорност и овластувања има и во пазарната инспекција, но и во недозволувањето на државниот инспекторат за животна средина да врши проверка уште на граница што се внесува, а не да го проверува тоад доцна кога ќе почне да се горат отпади и да се загадува. Најдобро решение е да се спречи уште при влез во државата, велат претставници на еколошките движења.
Но посебен проблем е што во минатото било дозволено фирми без лиценци да увезуваат секакви масла кои после во државата станувале мазут или дериват за горење и енергија. Контролата треба да биде на една точка, во царинските складови, потенцира и регулаторот Бислимовски.
Невладините оценија дека најголем проблем е немањето системска врска на надлежните институции и се бара инспекторатите да имаат слободен влез во базата на царината за увезени стоки опасни по екологијата. Во празниот простор влетува корумпирана мрежа државни службеници кои се организираат со странски и ЕУ фирми после што следува увоз на штетни и опасни горива и масла кои носат профит на сите учесници во овој меѓународен криминал, оценија од граѓанскиот инспекциски совет.
Миомир Серафиновиќ