Економија Македонија Топ вести

Поповски: Одлуката на уставните судии е контроверзна – може да го поскапи штедењето

Владата не открива како ќе го гаси пожарот кој вчера го предизвика Уставниот суд со укинувањето на членот од Законот за банки со кој Фондот за осигурување на депозити го  изгуби приоритетот во исплатата од стечајната маса доколку некоја банка пропадне. Со одлуката се создава правен вакум, а  Министерството за финансии за 15 денови, треба да ги подготви измените во Законот за банки со кои ќе го дефинира јавниот интерес.

За експертите одлуката на Уставните судии е контроверзна и може да го помести банкарскиот систем, но не фатално. За поранешниот министер за финансии  Никола Поповски ставањето на Фондот во рамноправна положба со другите доверители, во ситуација кога е обврзан веднаш да ги исплати штедечите до 30.000 евра, а да чека заедно со другите доверители да си поврати пари од стечајната маса – значи дека тој континуирано ќе се подјадува со секој ризичен настан како што беше стечајот на Еуростандард банката.

“Оваа одлука е контроверзна. За тоа сведочи и фактор дека Уставниот суд ја нема донесено ниту едногласно ниту со огромно мнозинство, туку со 5-4. И уште за волја на вистината четирите судии кои гласале против записничкиго издвоиле своето мислење со образложение зошто гласаат против. Совршено е јасно дека биле свесни во уставниот суд дека носат одлука која може сериозно да го помести финансискиот систрм особено банкарскиот функционира во еден сегмент со штедните влогови” – вели универзитетскиот професор, Никола Поповски.

Според Поповски тоа значи дека ќе поскапи штедењето. Банките ќе имаат поголем трошок за обезбедување на штедните влогови, а тој трошок ќе го компензраат со пониски камати за заштедите на населението.

“Тоа значи дека во банкарскиот систем на Македонија ќе се случат две работи. Прво ќе поскапи штедењето за штедачите, односно нивните приноси ќе бидат помали затоа што банките ќе имаат поголем трошок да одвојуваат за ова. И второ ќе се одрази на добивките и дивидендите на банките во сооднос на тоа колку што сега нема да наплатат за тоа што приоритетно го дале. Малку е чуден системот во кој имате обврски да платите па да наплатите, законот ве обврзува први и целосно да исплатите нешто, а потоа законот ви оневозможува први назад да си по повратите тоа” – оценува Поповски.

Банкарите пак се уште калкулираат. Велат ако се зголеми трошокот за осигурување на депозитите кој го плаќаат на Фондот, тогаш секоја банка ќе анализира како ќе го покрие.

Опции се пониски камати за штедењето и повисоки за кредитите. И за банкарите и за централната банка  системот е стабилен и ликвиден.

Иницијативата пред Уставниот суд ја поднесе Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка.

Петмина Уставни судии вчера ги надгласаа четворицата. Судијата Осман Кадриу кој беше клучниот при надгласувањето вели дека од оваа Иницијатива сфатил дека се прекршени човечките права на штедачите.

Стечајот бил предизвикан од противправно дејствување на првите луѓе на банката, а на штедачите кои немале никаков удел во пропаѓањето на банката им биле загрозени уставните права на сопственост на своите влогови.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се сретнаа Лавров и Рубио, во Ријад почнуваат руско-американските разговори

Дејан Дејан

Предлогот за разрешување на Коцевски денеска на владина сендица

Дејан Дејан

(ВИДЕО) Уникатна изведба на „Кармина Бурана“ со симфониските оркестри од Македонија, Грција и Бугарија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе